МОН за сребата Шаќири-Која: ОБСЕ станува наш голем поддржувач во градењето образование со меѓусебно почитување

24

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и амбасадорот на ОБСЕ во земјава Клеменс Која на денешната средба констатираа континуиран напредок на соработката во интерес на унапредување на меѓуетничките односи и соживотот, информира МОН, додавајќи дека градењето клима на доверба меѓу учениците и јакнење и надградување на вредностите на заедништво и заемно почитување се заложби на Министерството за образование и наука за кои Мисијата на ОБСЕ во Репубика Северна Македонија дава силна поддршка.

– Со реформите во образованието имаме цел да создадеме училишта кои поддржуваат и иницираат активности во кои младите се поврзуваат и заеднички ги реализираат целите, без оглед на нивната етничка, верска и друга припадност. Прифаќањето на различностите како вредност, справувањето со дискриминацијата, со насилството и со нетолерантноста, се во основа на новите наставни програми и материјалите за учење и во овие заложби имаме голема поддршка и соработка од Мисијата на ОБСЕ, нагласи министерот Шаќири.

Како што информира МОН, амбасадорот Која укажа дека искуствата и експертизата на ОБСЕ и натаму се на распологање на Министерството, во напорите за позитивни промени во воспитно-образовниот процес. Низ процесот на образование, наведува Министерството, општеството добива граѓани кои се независни и одговорни и се идни носители на демократски процеси.

– Министерот Шаќири го информираше амбасадорот Која и за другите актуелни случувања во сферата на образованието и науката, посебно осврнувајќи се на почетокот на второто полугодие во услови на пандемија и напорите за редовно одвивање на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците, соопшти Министерство за образование и наука.