Градинка и голем парк од 9.000 квадрати на просторот кај некогашната фабрика „Треска“

1811

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, побарал од сопствениците на приватните имоти – во „Треска“ да има многу зеленило, повеќе од планираното согласно со ДУП-от, но и објекти од јавен интерес, како градинка, но дополнително да има и голем парк од 9.000 квадратни метри на државнотo земјиште.

За весникот ВЕЧЕР, тој истакна дека, освен планираниот сообраќен режим, ќе има и зеленило и дополнително планира средба со сопствениците на парцелите, Комисијата за урбанизам, архитектите што го изработија идејното архитектонско решение за тој дел за да разговараат и за да се изнајде соодветно решение.

 

– Бидејќи се планирани повеќе згради, ќе барам да се направи и градинка. Освен тоа, бидејќи во тој дел има државно земјиште, ќе побарам да се направи и голем парк со околу 9.000 квадратни метри и покрај тоа што Општина Центар има побарување да се уреди просторот согласно со Законот за урбано зеленило, кој предвидува задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20 проценти. Тоа е многу повеќе зеленило кое не е планирано со ДУП-от, а го надминува и законскиот минимум, што, пак, го потврдува фактот дека не се окупира целиот простор само за нови градби – истакна Герасимовски.

Тој повтори дека е раскинат договорот со планерската куќа и дека ќе се распише јавна набавка за избор на нова, која ќе изработи нов детален урбанистички план за Буњаковец 1 и Буњаковец 2, кој го опфаќа и делот кај поранешната фабрика „Треска“.

Од „Шанса за Центар“ и денеска повторно реагираа во однос на просторот кај поранешната фабрика „Треска“. Тие тврдат дека Советот на Центар досега нема донесено одлука со која се поништува одлуката за конкурсот.

– Советниците не се само гласачка машина за исполнување на волјата на градоначалникот, туку претставници и гласот на граѓаните и имаат право и да прашаат и да добијат одговори за сѐ што е важно за граѓаните. Општината не е приватна фирма, не поседува приватен имот и нема право сама, како институција, да одлучува, туку постои за да ги штити интересите на сите свои граѓани – велат од „Шанса за Центар“. 

(А.П.)