ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара, но нема да гласа за уставни измени?

Еминентни професори, експерти по уставно право веќе од следната недела ќе седнат на маса и ќе се обидат да го направат целиот процес на уставни измени појасен и поприфатлив за јавноста. Опозицијата засега не се изјаснила дали ќе учествува во работната група, но децидна е дека уставни измени под овие услови нема да има. По каква методологија и со каква динамика ќе функционира ова тело, ќе се договора откако ќе се прецизира форматот на работната група. Приоритет е, велат од Правда, да се смени делот што е потребен за да се продолжи европскиот пат

433

Внесувањето на Бугарите во Преамбулата ќе биде приоритет за експертската група што ќе работи на уставните измени. Еминентни професори, експерти по уставно право веќе од следната недела ќе седнат на маса и ќе се обидат да го направат целиот процес на уставни измени појасен и поприфатлив за јавноста. Опозицијата засега не се изјаснила дали ќе учествува во работната група, но децидна е дека уставни измени под овие услови нема да има.

По каква методологија и со каква динамика ќе функционира ова тело, ќе се договора откако ќе се прецизира форматот на работната група. Приоритет е, велат од Правда, да се смени делот што е потребен за да се продолжи европскиот пат.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, смета дека во целиот процес единствено искрен разговор може да помогне, односно политичките партии да влезат во него искрено и со целосна поддршка.

-Јас имав неколку разговори и формални и неформални со претставници на опозицијата во Собранието, каде што најпрво побаравме од нив мислење, дури и понудивме некои експертски примери, модели, како може да се зајакне улогата на Националниот совет за европска интеграција, каде што претседава опозицијата, како да му дадеме повеќе сила на тој Совет во процесот на преговори, за да има учество на опозицијата и да ја подели одговорноста, но и славата на процесот. Токму за да се намали таа поларизација. И за да кажеме, немаме проблем како Влада да кажеме дека и опозицијата има удел, одговорност, доколку се спремни таа одговорност да ја преземат. Пред три, четири месеци имам јас лично разговарано со претставници на опозицијата каде што сум им рекол ние ќе ви дадеме листа на експерти, кажете дали е во ред, за вклучување во овој процес, не сме добиле никаков одговор, рече Маричиќ.

Освен внесувањето во Бугарите, Владата најави дека размислува и за барањата на Евреите, Хрватите, Торбешите и на Црногорците.

Дел од албанските партии побараа да се искористи моментот и од Уставот да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“. Предлогот веднаш наиде на поддршка од министерот за правда Кренар Лога, за следниот ден да појасни дека приоритет, сепак, треба да биде Преамбулата.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека отстранувањето на „20 %“ од Уставот и да стои изречно „албанскиот јазик“, треба да се случи сега, со уставните измени кои предвидуваат внесување на Бугарите како заедница која живее во Македонија.

– Алијанса за Албанците е среќна што сега дојде моментот кога политичките партии во Македонија ќе можат да ја изразат својата согласност албанскиот јазик да се именува како таков и повеќе да не се нарекува погрешно „20 %“. Предлагаме оваа промена да се случи сега и сме убедени не само во согласувањето на албанските партии туку и на сите партии во Македонија – оценува Таравари.

Македонија најдоцна за шест месеци треба да ги вметне Бугарите во Преамбулата и за тоа е потребно да гласаат најмалку 80-мина пратеници во Собранието.

Власта е уверена дека потребното мнозинство ќе се обезбеди во предвидениот рок и дека уставните измени ќе се случат годинава.

Овие теми беа во фокусот на средбата на вицепремиерот Артан Груби со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф. На средбата се разговарало за евроинтеграциите, уставните измени и за планот на Владата за остварување на овие цели во текот на оваа година, при што Груби го информирал Граф дека Владата ги подготвила предлог-уставните измени и дека се започнати подготовките за нивна реализација.  (Ј.Ц.Г.)