Виенска камерна симфонија утревечер на „Охридско лето“

38

Квинтетот „Виенска камерна симфонија“ од Австрија утревечер (5 август) со почеток од 21 часот ќе настапи во Црквата „Св. Софија“ во Охрид, во рамки на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. На програмата ќе се изведат Г. Малер, Е. В. Корнголд и А. Дворжак.

„Виенска камерна симфонија“ е ансамбл кој го сочинуваат Лаура Лози – прва виолина, Естеле Вебер – втора виолина, Џорџиа Венециано – виола, Серџо Мастро – виолончело и Дамиан Посе – контрабас. Овие талентирани музичaри живеат и работат во Виена. Овој камерен состав има широк репертоар на класични дела почнувајќи од XIX век, па сѐ до современи дела, како и дела од композитори кои неправедно се запоставени или заборавени. Членовите на ансамблот најчесто настапуваат во формација на квинтет, следејќи ги традиционалните елементи на изведба во камерен оркестар, со симфониски концепт.

Формиран во 2006 година, Квинтетот голем дел од своите први концерти ги изведува во Шпанија како дел од прославата на „Годината на Моцарт“, а се примени со бројни позитивни критики од публиката и критиката која ги опишува како „најдобри изведувачи во долгата концертна сезона посветна исклучиво на Моцарт“. Настапуваат низ цела Европа: Шпанија, Франција, Велика Британија, Полска, Холандија, Данска, како и во Латинска Америка во Бразил, Чиле, Aргентина, Колумбија, Перу, Уругвај, Панама.