Бугарија сама ќе се изолира од ЕУ ако стави вето за Македонија 

Аналитичари и професори од Бугарија изминатиот период порачуваат дека евентуално вето од Софија за преговорите на Македонија со Европската Унија би било апсурдно бидејќи е спротивно на официјално декларираната политика на Бугарија за поддршка на евроинтеграциите на Западен Балкан. Тие предупредуваат дека, во тој случај, Бугарија ризикува да падне во тотална изолација во рамките на ЕУ. Експертите велат дека во Софија се прави обид визијата на одредена група историчари да се наметне како политичка позиција

548

Бугарската експертска фела со критики до властите во Софија поради односот на земјата кон македонските евроинтеграции. Аналитичари и професори од Бугарија изминатиот период порачуваат дека евентуално вето од Софија за преговорите на Македонија со Европската Унија би било апсурдно бидејќи е спротивно на официјално декларираната политика на Бугарија за поддршка на евроинтеграциите на Западен Балкан. Бугарскиот Парламент, пак, со порака дека во надминувањето на недоразбирањата меѓу двете земји може да помогнат и законодавните домови. Бугарскиот политички аналитичар Иван Крастев вели дека не очекува Бугарија да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ бидејќи европската интеграција на Западен Балкан е стратешки важна за Бугарија, и оти при таков чекор Софија ризикува да се најде во тотална изолација во ЕУ.

-Покрај тоа, токму во рамките на бугарското претседателство тоа стана приоритет за Брисел. Во оваа смисла, бугарското вето би било апсурдно. Само ќе изгледаме смешно. До вчера се боревме за отворање на ЕУ за Северна Македонија, денес сакаме да ги запреме. Не дека апсурдни работи не се случуваат, но убеден сум дека ниту Владата, ниту претседателот не би дозволиле Бугарија да се најде во ситуација на тотална изолација во рамките на ЕУ, вели политикологот Крастев во интервју за бугарскиот весник „Дневник“.

Во однос на отвореното писмо од триесетина бугарски интелектуалци, историчари, научници и јавни личности против појаснувачкиот меморандум што Софија го испрати до ЕК и земјите членки, во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ, Крастев оценува дека тоа е значајно, бидејќи меѓу неговите потписници се некои од најавторитетните бугарски историчари.

– Европа не може да не разбере ако нашиот став е дека сите нации во Европа се „природни“ и само „македонската“ е вештачка и дека само Македонците во Европа не знаат на кој јазик зборуваат, вели угледниот бугарски аналитичар.

Бугарскиот универзитетски професор Михаил Иванов, пак, кој беше советник за етнички и религиозни прашања на поранешниот претседател Жељу Желев, во чиј мандат Бугарија ја призна Македонија како држава, смета дека Софија треба ја смени својата позиција и начинот на размислување во однос на Скопје. Иванов во изјава за Бугарското национално радио вели дека се прави обид визијата на одредена група историчари да се наметне како политичка позиција.

– Тоа не е коректно и не е правилниот пат. Голем број истакнати бугарски историчари не размислуваат како историчарите во заедничката комисија утврдена со Договорот за добрососедство, изјави Иванов, кој е дел од групата бугарски интелектуалци и научници кои неодамна со заедничко писмо се спротивставија на официјалната позиција на Бугарија во однос на историјата и на ставовите за Македонија содржани во меморандумот испратен до членките на ЕУ со кои се оспорува македонскиот јазик и идентитет.

Поранешниот бугарски заменик-министер за внатрешни работи, Милен Керемедчиев, тврди дека во Македонија и Србија се зголемува антибугарската реторика, а удел во тоа имаат руските служби. Според него, последната изјава на Заев е повик за помош упатена до Германија и Меркел.

Премиерот Зоран Заев викендов изјави дека за време на посетата минатата недела во Софија на министерот за надворешни работи Бујар Османи во разговорите со министерката Екатерина Захариева му биле изнесени предлози, за кои рече дека не се ниту добрососедски, ниту европски.

-И ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не почне првата меѓувладина конференција којашто ја очекуваме во декември. Но јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да изнајдеме решение, рече Заев.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера изјави дека Македонија вложува во добрососедските односи и очекува тоа да го направи и Бугарија.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, на минатонеделната средба во Софија со Османи порача дека би било грев пред историјата доколку сегашните политички раководства во Бугарија и Македонија не успеат да најдат компромис. Ни светот нема да н- разбере, рече Борисов.

Во меѓувреме, по пауза од речиси една година, нова средба на Заедничката експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања е закажана за утре и во петок, во Скопје. Османи и Захариева изразија очекување дека Комисијата ќе ја забрза работата и дека ќе успее да испорача резултати пред 10 ноември, кога во Софија треба да се одржи самит на Берлинскиот процес со кој копретседаваат двете земји. Посетата на Османи на Софија, беше најавена како претходница на средбата на премиерите на двете држави Заев и Борисов за која се уште не е утврден датум, но треба да се случи пред 10 ноември.

Македонскиот јазик е вештачки колку што се вештачки и другите

Темата „Македонија“ е завиена со многу романтика и митологија, но крајно време е бугарската страна да стави крај на своите тврдења за македонскиот јазик, вели доц. Д-р Стефан Дечев, историчар и предавач на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, за Блумберг ТВ Бугарија.

-Убедени сме дека македонската нација и процесот на нејзино создавање, и покрај сите специфики и особености, не се разликуваат од процесите на создавање на која било друга нација. Македонскиот јазик е вештачки јазик до степен до кој се сите стандардизирани јазици на овој свет. Мора да се разбере дека дијалект е само дијалект – нема име. Официјален јазик на една земја не може да биде дијалект. Додека не се разбере дека идентитетот на една нација е динамичен и не се пренесува генетски, какви било заеднички преговори меѓу Бугарија и Македонија ќе бидат непотребни и ќе доведат до ќорсокак, вели тој.