Најавени протести и барање до Уставниот суд за времена мерка да се стопира ДУП Дексион Јурија

186

Тие го повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи целокупната постапка за донесување на овој, како што го нарекуваат, криминален урбанистички план

 

Од Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров најавуваат дека наредните денови ќе протестираат пред Општината, бидејќи општинските власти не ги прифатија нивните барања за ревидирање на ДУП Дексион Јурија и бидејќи се одбиени за тоа, тие да бидат ставени на дневен ред на седницата на Општина Ѓорче Петров што се одржа денеска.

Тие велат и дека ќе побараат од Уставниот суд да донесе времена мерка да се стопира овој урбанистички план.

-Го повикуваме Јавното обвинителство да ја истражи целокупната постапка за донесување на овој криминален ДУП. Урбаното живеење зема поголем замав. Секојдневно се јавуваат граѓани до нас кои се засегнати со урбанистичкиот план. Населбите Хром, Ѓорче Петров, Мирче Ацев стануваат огромни градилишта и епицентар на урбаната мафија во Скопје – вели Горан Костов од Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров.

Оваа иницијатива на 16 септември поднесе барања до градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски и до Советот на Општина Ѓорче Петров, меѓу кои и за ревидирање на ДУП С324 Дексион Јурија, но тие беа одбиени и не беа ставени на дневен ред на претходната седница, а ниту пак на вчерашната.

-Имавме три барања: да се намали катноста на зградите од 58 метри, да се намали бруто развиената површина која изнесува 90.000 квадратни метри и 800 стана, но и да се зголеми зеленилото и да се намали опфатот на градежната површина – истакна Костов.

Образложението на Општината Ѓорче Петров за неприфаќање на барањата на Иницијативата е дека планот е веќе донесен со одлука на 31.08.2020 година со мнозинство гласови од присутните.

– Советот не може да постапи по барањето бидејќи согласно закон веќе донесен ДУП, не може да се врати во повторна постапка за ревидирање, односно да се врати на повторно разгледување и донесување, бидејќи тоа е во надлежност на повисока инстанца, во случајов Уставен суд, пред кој се покренува постапка за Иницијатива за уставност или законитост за донесениот акт, односно во овој случај Oдлука за донесување на ДУП СЗ 24 – Дексион Јурија, Општина Ѓорче Петров – објаснија општинските власти.

Освен тоа, тие додаваат дека не постапиле по барањето и поради тоа што станува збор за барање кое нема ниту форма, ниту содржина на иницијатива, односно не содржи информација дали е физичко или правно лице, не содржи лични генералии, законски одредби за кои подносителот на барањето смета дека се повредени и адреса каде би доставиле официјален одговор.

Од Општина Ѓорче Петров повторуваат дека планот е донесен врз основа на комплетна документација од стручната служба во Секторот за урбанизам со образложение дека постапката за изработување и донесување на Деталниот урбанистички план за градска четврт СЗ 20, е согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Инаку, првиот протест Иницијативата против урбано дивеење го одржа на 12 септември годинава искажувајќи го својот револт против, како што го нарекуваат бетонскиот ѕид во месноста Јурија од 58 метри, кој ќе содржи 800 станови и ќе има над 3.000 жители.

(А.П.)