Ако Собранието работи онлајн, опозицијата ќе ги оспорувa законите пред Уставен?

Ќе има ли можност Парламентот да функционира онлајн и како ќе се постигне тоа со оглед на тоа што членот 69 од Уставот предвидува присуство на собраниските седници, на мнозинство од вкупниот број на пратеници, засега е неизвесно. Владејачката СДСМ на денешната координација предложила да се овозможи само пратениците кои имаат решение за изолација да се вклучат онлајн на собраниските седници и да можат да гласаат. Во исто време, познавачите на политичките прилики потсетуваат дека доколку овој проблем се регулира исклучиво со измени во Деловникот, тоа ќе биде класично кршење на Уставот. Извори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за весникот ВЕЧЕР брифираат дека во таков случај, сите одлуки кои ќе ги донесе Собранието ќе бидат противуставни, и опозицијата ќе ги оспорува пред Уставниот суд

50

Работата на Собранието не може да се регулира само со Деловник, Уставот точно предвидува како работи законодавниот дом и како заседаваат пратениците, реагираат дел од пратениците по најавите дека и Собранието, по Владата, треба да работи онлајн без пратениците физички да присуствуваат во македонското Собрание.

Владејачката СДСМ на денешната координација предложила да се овозможи само пратениците кои имаат решение за изолација да се вклучат онлајн на собраниските седници и да можат да гласаат.

Координаторот на пратеничката група Јован Митрески рече дека очекуваат овие измени на Деловникот да се донесат со консензус. Митрески по координацијата рече дека мнозинството не планира на сила да го донесе овој закон и дека ќе остават време на опозицијата да го прифати нивниот предлог.

Во исто време, познавачите на политичките прилики потсетуваат дека доколку овој проблем се регулира исклучиво со измени во Деловникот, тоа ќе биде класично кршење на Уставот. Извори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за весникот ВЕЧЕР брифираат дека во таков случај, сите одлуки и закони кои ќе ги донесе Собранието ќе бидат противуставни, и опозицијата ќе ги оспорува пред Уставниот суд.

Од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и одлучува преку онлајн апликации, од едноставна причина што постои јасна уставна норма (чл.69) која налага присуство на собраниските седници на мнозинство од вкупниот број на пратеници. Така ако бил Уставот за онлајн сесии ќе пишувало учество, а не присуство, како што прецизно е утврдено и со Деловникот, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

„Од етички аспект би било нееднаквост доколку пратениците физички не одат на работа во Собранието, а во исто време се бара градежниците, медицинскиот персонал, продавачите, возачите, наставниците, судиите, чиновниците и приватниците физички да бидат на своите работни места за да си ја заработат својата плата“, напиша пратеникот Милошоски на социјалните мрежи.

Идејата за онлајн седници на Собранието е спротивна и неостварлива, и за поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Тој на Фејсбук потсетува на членот 95 од Деловникот за работа на Собранието, според кој „Собранието може да одлучува ако на седница присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници“, а во истиот член, но став 2 стои: “Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Устав не е предвидено посебно мнозинство”.

-Власта мора да разбере дека не е проблем тоа што Уставот не дозволува онлајн работа на Собранието, туку проблем е малата и тесна поддршка што оваа Влада ја има во Собранието. Постојат начини да се надмине овој проблем, но тие не се во рамките на размислувањето за менување на начинот на работа на Собранието, бидејќи за да се смени потребна е промена на Уставот, а тоа е постапка која трае околу 100 дена. Начините мораат да бидат политички, но да признаеме, и тоа ќе се случува во тежок политички контекст, пишува Димовски на Фејсбук.

Можноста Собранието да почне да работи онлајн повторно се актуелизираше откако беше објавено дека двајца пратеници од владејачката коалиција – Лазе Таневски од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ се позитивни на коронавирус.  Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека пратеничката Јадранка Поцкова од опозицијата е позитивна на коронавирус.

По направените епидемиолошки анкети, од Центарот за јавно здравје информираат дека нема потреба од изолација на други пратеници, бидејќи мерките во Собранието се почитувале. Доколку пратениците не успеат да се договорат како ќе се работи, се доведува во прашање мнозинството за донесување закони, со оглед на фактот што владејачкото мнозинство во Собранието брои 62 пратеници од СДСМ, ДУИ, Беса и коалициските партнери, а опозицијата има 58 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Алијанса на Албанците и Алтернатива.            ( Ј.Ц.Г.)

Онлајн Собрание ќе ги стави на мака повозрасните пратеници

Повозрасните пратеници не се многу едуцирани за дигитална опрема. Неизвесно како ќе се снајдат ако се донесе одлука да работат онлајн. Најстарите пратеници во актуелниот собраниски состав, пензионираниот генерал Илија Николовски од Партија на пензионерите и Стојанче Миланов од Социјалистичката партија на Македонија, имаат по 72 години, но по ова прашање ги застапуваат коалициските интереси

Илија Николовски, чија партија е дел од владејачката коалиција во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека работата на Собранието не смее да биде закочена.

-Јас апсолутно сметам дека треба да почне да се размислува за онлајн работа, да се договориме и да се промени Деловникот. Сега имаме двајца заразени пратеници и што ако има повеќе? Ние во никој случај не смееме да ги кочиме процесите, така би биле опструктори на работата. Сметам дека работата треба да се организира по проценка на претседателот на Собранието, кога ќе има услови да доаѓаме, кога ќе има заразени да работиме онлајн, но работата не смее да се кочи, вели Николовски.

Неговиот колега од противничкиот табор, со кого имаат иста година на раѓање, признава дека повозрасните пратеници не умеат многу со новата технологија.

-Во Собранието треба да работиме само со физичко присуство, друго е кога ќе бидеш физички присутен и да си реплицираме, самата атмосфера е поинаква. Ние повозрасните пратеници не сме многу едуцирани и со дигиталната опрема, не знам како ќе функционира сето тоа, да се дискутира, па да се реплицира и да се гласа, вели пратеникот Стојанче Миланов од СПМ.