Во Грција на траект ќе се пуштаат само возила со најмногу 40 % полна батерија и со половина боца гас

2428

Патувањето на одмор на грчките острови за дел од граѓаните годинава станува покомпликувано од досега.

Грција донесе нов закон со кој одреди правила за транспорт што се однесуваат на електричните и на хибридните возила и на другите возила што користат алтернативни горива како течен или природен гас. Сепак, сè останува по старо за таквите возила што се движат по копно, зашто новите правила важат само за оние што во текот на патувањето користат фериботи или бродски услуги.

Со соопштение на Никана.гр на социјалните мрежи и на веб-страницата Анек.гр, возачите што патуваат во Грција со автомобили и користат фериботи и бродови се известени дека „стапил на сила нов закон на Министерството за поморство и крајбрежната стража и се однесува на електричните и на хибридните возила, како и на возилата што користат други алтернативни горива, како течен или природен гас“.
Според новиот закон во Грција, од безбедносни причини, возачите на електрични и на хибридни возила треба да внимаваат да не ги полнат батериите повеќе од 40 проценти од вкупниот капацитет. Задолжителна е контрола на температурата, а полнењето на акумулаторот на брод или траект е забрането.

За автомобилите што користат течен или природен гас, законот налага да не се полнат резервоарите повеќе од 50 проценти од вкупниот капацитет.

Се објаснува дека пожарите на контејнерските бродови и на траектите се гаснат со јаглен-диоксид, но тој метод не функционира на електричните автомобили. Според зборовите на германските осигурители, бродовите би требало да бидат опремени со други системи за гасење пожари за да обезбедат подобра заштита во случај на пожар на електрично возило.

Корисниците на возила на кои се однесуваат новите правила останаа збунети. По нивната објава на социјалните мрежи – врие, а најмногу коментираат српските граѓани, кои, по традиција, масовно одат на одмор во Грција.

Едно од прашањата што се поставуваат е како ќе изгледа проверката на тоа дали се испочитувани правилата од новиот закон.
Заедно со објавата, има коментари меѓу кои возачите напишале дека не разбираат како ќе функционира, додека поединци тврдат дека „оваа регулатива е многу оптоварена“.

– Како ќе утврдат колку плин има во боцата? На Тасос бензинот беше значително поскап отколку на копно, а тоа е причината… – вели возач на автомобил на гас од Србија.

– Сигурно пред да влезете на траектот, две колони ќе ја мерат зафатнината на плин и на батеријата – претпоставува читател од Србија.

Новите ограничувања што ги воведе Грција ќе засегнат голем број возачи што како погонско гориво користат автогас, но кога се во прашање електричните автомобили, нема да бидат погодени голем број жители на Балканот. Според ланските податоци, во Македонија се регистрирани околу 6.200 електрични и хибридни возила заедно. Во Србија се регистрирани околу 3.000 електрични возила, што е околу 0,01 процент од вкупниот број возила во државата. Хрватска предничи со околу 7.000 електрични возила, што е 0,4 проценти од вкупниот број регистрирани возила во државата. Затоа, пак, во Германија се возат 1,4 милиони електрични возила, додека во Норвешка, годинава, 95 отсто од новите возила на пазарот ќе бидат електрични.