ВМРО-ДПМНЕ ги подели изборните штафети на проверени кадри!

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека тој ќе биде носител на пратеничката листа во изборната единица еден. На листата на ВМРО-ДПМНЕ се најдоа и имињата на потпретседателот на партијата – Владо Мисајловски, кој ќе биде носител во изборната единица два и на пратеникот Драган Ковачки, како носител во изборната единица три. Во „четворката“, прв на ливчето ќе биде потпретседателот Александар Николоски. Одлука кој ќе биде носител во изборната единица пет, како што најави Мицкоски, ќе биде донесена во текот на денот, а во изборната единица шест, носител ќе биде жена – актуелната пратеничка Дафина Стојановска. Засега е познато дека во „кецот”, покрај Христијан Мицкоски од ВМРО -ДПМНЕ и Димитар Ковачевски од СДСМ, во оваа изборна единица ќе се натпреваруваат и актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, како носител на листата на партијата Алтернатива, и Димитар Апасиев, лидерот на Левица.

2701

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска и официјално ги претстави носителите на пратеничките листи на парламентарни избори на 8 мај и при тоа потврди дека тој ќе биде носител на пратеничката листа во изборната единица еден.

Местата за носители во останатите изборни единици, како што се најавуваше претходно, се резервирани за партиските потпретседатели и за уште двајца пратеници.

Па така, на листата што ја кандидира ВМРО-ДПМНЕ се најдоа  имињата на потпретседателот на партијата – Владо Мисајловски, кој ќе биде носител во изборната единица два, и на пратеникот Драган Ковачки, како носител во изборната единица три. Во „четворката“, прв на ливчето ќе биде потпретседателот Александар Николоски.

Одлука кој ќе биде носител во изборната единица пет, како што најави Мицкоски, ќе биде донесена во текот на денот, а во изборната единица шест, носител ќе биде жена – актуелната пратеничка Дафина Стојановска.

Претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека на претстојните избори постои алтернативна на власта и во таа смисла нагласи дека тие не се избор меѓу Европа и изолација, како што порачува СДСМ деновиве, туку дека се избор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на Ахмети, Маричиќ, Ковачевски, Груби, Османи, Зечевиќ и Пендаровски. Мицкоски вели дека СДСМ и ДУИ шест години продаваат шарена лага и дека потпишале сè што имале на маса, а со тоа не само што не ја донеле Европа туку ја оддалечиле Македонија од оваа цел.

– Ги нарушија сите преговарачки позиции и не добија ништо. Дури и последното што беше потпишано, францускиот предлог, лага е дека е договор за членство во ЕУ. Ова е договор за дополнителни условувања и ќе го направи патот невозможен за Македонија и македонските граѓани. Шест и пол години не само што не ја донесоа Европа туку нѐ оддалечија, донесоа криминал, економски назадувавме, ветуваа раст на бруто домашниот производ, а го завршивме со најнизок раст во регионот – кажа Мицкоски, кој сугерираше дека седењето дома на претстојните избори ќе значи гласање за СДСМ и ДУИ.

Мицкоски упати порака и до Брисел и рече дека е дојдено време „Европа, конечно, да каже што планира со Македонија. Смета дека Европската Унија, доколку сака, може да одреди датум за преговори со државава во секое време, како што го направила тоа со Украина, која доби одлука за отворање преговори во декември.

Инаку, во наредниот период, како што најави Мицкоски, ќе има официјална промоција на изборната кампања на ВМРО- ДПМНЕ за парламентарните избори што ќе се  одржат на 8 мај. Вели дека потоа ќе тргнат во кампања, но дека нема да  ветуваат премногу и да ветуваат чуда, но оти ќе го реализираат тоа што го ветуваат.

– Ќе стоиме зад ветеното и врз основа на тоа ќе ја градиме нашата политика. По две години, програмата ќе ни биде иста,  но ќе биде ревидирана и надградена откако реално ќе ги видиме ресурсите со кои ќе располагаме. Имаме информација дека она што ќе го следиме од оваа власт е алармантно и катастрофално – кажа Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уверува дека неговата партија нема да води црна кампања за двојните избори и оцени дека другите партии се целосно насочени кон оцрнување на неговото име. Тој им порача на политичките субјекти дека за разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да им нуди решенија на граѓаните и дека ќе понудат одговор на проблемите во администрацијата, стандардот, економската состојба, борбата со криминалот и корупцијата, проблемите на пензионерите и на младите…

– Дополнително ме мотивира црната кампања против мене – изјави Мицкоски.

Инаку, пред десетина дена, и лидерот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски, најави дека за две-три недели СДСМ и Коалицијата ќе го заокружат процесот на формирање на листите за народни избраници и потврди дека СДСМ ќе има носители во сите шест изборни единици.

Рече дека во партијата има над 1.000 потенцијални кандидати предложени од општинските организации, од кои 600 имаат поднесено кандидатура.

Инаку, партискиот лидер, Димитар Ковачевски, во меѓувреме, во неколку наврати, најави дека тој ќе биде носител на листата на СДСМ во изборната единица еден.

Па така, засега е познато дека во „кецот”, покрај Христијан Мицкоски од ВМРО ДПМНЕ и Димитар Ковачевски од СДСМ, во оваа изборна единица ќе се натпреваруваат и актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која најави дека ќе биде носител на листата на партијата Алтернатива и Димитар Апасиев, лидерот на Левица.

Оваа изборна единица ги опфаќа општините од Скопје и неколку помали општини од северна и од западна Македонија. На парламентарните избори од изборната единица еден се избираат дваесетмина пратеници.

Што се однесува на СДСМ, според информации во медиумите,  во втората изборна единица, како носители на листата на владејачката партија се споменуваат имињата на Фатмир Битиќи и Сања Лукаревска, додека Оливер Спасовски кој во минатото беше носител во „двојката“, на овие избори се посочува како носител на листата во третата изборна единица, заедно со Љупчо Николовски.

„Четворката“, пак ,според шпекулациите, е резервирана за Венко Филипче, додека петтата изборна единица ќе биде предводена од Јован Митревски и Бисера Костадиновска-Стојческа. Шестата изборна единица е неизвесна. Сепак, и таму се споменуваат повеќе имиња како носители на листа, меѓу кои и на Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.

(М.С.)