Трета „Сремушијада“ на Скопска Црна Гора

186

Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ на 7 април 2024 година ќе ја реализира третата „Сремушијада“ на Скопска Црна Гора.

Од Здружението велат дека планираат оваа тура да биде традиционална, да се одржува секоја година, а во чии рамки ќе има рекреативно движење и берба на мечкин лук – сремуш.

Стартот на турата ќе биде од ливадата под манастирот „Свети Аранѓел“ над Кучевиште во 7:30 часот каде што ќе се одржи мала презентација за настанот и значењето на мечкиниот лук, сремуш, од кој се подготвува превкусна песто паста, по избор мрсна или посна и ќе се консумира на местото на настанот, намачкана на леб.

– Патеката ќе биде долга 15 километри во целост со висинска разлика од 700 метри и спаѓа во средно тешка тура, а за почетници планинари турата ќе биде екстра тешка. Затоа, во интерес на настанот ќе може да учествуваат само подготвени планинари, а следните викенди ќе организираме кратки тури со собирање на мечкиниот лук – сремуш, соопштија од здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

Поради тежината на турата, учесниците ќе бидат поделени во две групи: една побрза група ќе оди до Царева Чешма, на надморска височина од 1.317 метри, а побавната група ќе оди до Долната Ливада на надморска височина од 1.250 метри, по патеката ќе се помине покрај царскиот водопад кој има облик на штикла.

До манастирот „Свети Аранѓел“, над Кучевиште, може да се дојде со сопствен превоз или со автобусот број 61, кој тргнува од Транспортен центар во 6:45 часот,  а автобус за назад има во 18 часот.

– Од опрема ви се потребни: разгазени гојзерици, облека во слоеви, кабаница за заштита од дожд, стапови за помош при движење по патеката, вода и храна според своите потреби – предупредуваат од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

– По патеката ќе се движиме во група, на долната ливада ќе се одвоиме во две групи, а на враќање повторно ќе се спуштиме сите надолу сè до манастирот „Свети Аранѓел“. По патеката ќе правиме повеќе кратки паузи и една поголема пауза на Долна Ливада и на Царева Чешма во зависност од групата – велат од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

(А.П.)