Ѓорѓиевски: Преку интензивни разговори и споделување идеи, ќе се надминат проблемите на скопјани

50

Со средба со градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски ја започна серијата средби со градоначалниците која има за цел преку интензивни разговори и меѓусебно споделување на добри идеи и практики да се надминат проблемите на скопјани.

Toj посочи дека градоначалникот на Бутел е одличен пример како преку посветена работа и комуникација со сограѓаните може да се решат децениски проблеми и целосно да се смени на подобро нивното секојдневие. Му честиташе за одличните резултати и продискутираа за надминувањето на проблемите кои досега се наметнуваа поради опструкциите од поранешната централна власт и актуелното раководство на Град Скопје и кои во периодот што следи, мора да бидат пребродени и преточени во реализирани проекти.

Ѓорѓиевски посочи дека Бутел е една општина со драстично сменета реалност на подобро.

-Тоа се гледа и на терен и морам да им честитам. И покрај сите опструкции од сега веќе поранешната централна власт и актуелната на град Скопје, Дарко и неговиот тим имаат највисок степен на реализација на проекти, повеќе од сите претходни раководства заедно – констатираше Ѓорѓиевски. Тој додаде дека на средбата отворил теми, за тоа што треба дополнително да се реализира и да се види како може да се дојде до заеднички решенија.

-Она што најмногу недостига е непостоењето на слух од страна на град Скопје. Се надевам дека во периодот што следи до следните избори, Дарко ќе најде сили да го реализира она за што се обврза, како што е проектот за мега парк на „Христијан Тодоровски – Карпош“, потоа чистењето на реката Серава итн. Оваа средба е почеток на средбите со градоначалниците што во периодот што следува ќе се интензивираат се со цел да се најде решение за граѓаните на Скопје – заклучи Ѓорѓиевски.

Тој најави дека ќе се посетат општините, ќе се детектираат проблемите и ќе се изготват решенија за нив, бидејќи според него, градот Скопје и општините не смеат да чекаат.