Со просечна плата од 650 евра се живурка, а со минимална се крпи!

929

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија, во јануари годинава достигна нешто повеќе од 650 евра или како што точно пресмета Државниот завод за статистика 39.542 денари. Статистичарите исто така утврдија дека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во истиот месец е речиси илјада евра или 59.392 денари. Во март годинава се зголеми и минималната плата којашто сега изнесува 22.567 денари. Но, и со вака зголемени месечни примања, во Македонија и понатаму се исплатуваат најниски плати во регионот. Предизборно се најавува дека ќе се обезбеди просечна плата од 1.000 евра, а минимална до 600 евра

 

 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија, во јануари  годинава достигна нешто повеќе од 650 евра или како што точно пресмета Државниот завод за статистика 39.542 денари. Статистичарите исто така утврдија дека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во истиот месец е речиси илјада евра или 59.392 денари. Во март годинава се зголеми и минималната плата којашто сега изнесува 22.567 денари.

Но, и со вака зголемени месечни примања, во Македонија и понатаму се исплатуваат најниски плати во регионот. За партиите во предизборната кампања платите и пензиите се главна тема за привлекување на гласачи. Во изјавите најмногу предничи поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој секоја можност ја користи да каже дека тие ќе обезбедат просечната плата да изнесува од 1.000 евра, а минималната до 600 евра. Од опозицијата, пак, најавуваат дека ќе растат пензиите и тоа во старт со линеарно покачување од 5.000 денари за сите.

За економските експерти се работи само за политички маркетинг, а реалноста е нешто сосема друго. Последните податоци на  Државниот завод за статистика укажуваат дека растот се должи на растот на индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, којшто изнесува 116,5.

-Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (27,8%), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (19,2%) и Земјоделство, шумарство и рибарство (19,1%) – анализираат од ДЗС.

Тие согледале дека има и намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец во неколку секторите како што се: Градежништво (10,9%), Преработувачка индустрија (4.9%) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (3,8%). И просечна месечна исплатена бруто-плата по вработен, јануари 2024 година во однос на истиот месец лани има раст од 16,5 отсто.

За разлика од платите на обичниот работник, функционерските плати уште пред една година се зголемија за 78 проценти или секој од нив на контото инкасираше по 1.000 евра. Дополнително минатиот месец на повеќе од 1.500 функционери, како и директорите и други именувани лица на органи во состав на министерствата, директорите, раководните лица во управните организации, агенции, фондови… примањата им се зголемија за уште 15 отсто или во просек за дополнителни 300 евра.

Ако се споредиме каде сме позиционирани во регионот, но не со функционерските плати туку со работничките, ќе забележиме дека сите држави се подобри од нас. Па така, просечната нето-плата во земјите од поранешна Југославија во декември 2023 година беше највисока во Словенија и достигна 1.530 евра, а најниска во Македонија од само  649 евра. По Словенија на второ место е Хрватска со 1.191 евро, потоа Црна Гора со 814 евра. Следува  Србија со 811,3 евра, а пред Македонија, според просечните плати, е само Босна и Херцеговина од 654 евра.

Поразителни се состојбите и ако се спореди минималецот во Македонија со оној во регионот. Македонските работници работат за минимална плата од околу 360 евра и не можат да го поминат месецот, бидејќи со две минимални плати нема ниту скромна живеачка. За минатиот месец синдикалната кошничка достигна речиси илјади евра, а таа е речиси недостижна за семејствата што живеат со две минимални плати. Македонија е на слично ниво со минималната плата во Косово, додека во Словенија минималната плата е околу 1.200 евра, што е далеку поголема од нашата просечна, а со минималната не може ниту да се спореди. 

Бројките на статистичарите велат дека во Македонија работоспособното население е 1.515.107 лица од кои како активно е 791.647 лица, а вработени се 688.296 лица. Според статистика 103.351 лице е регистрирано како невработено, со што стапката на невработеност изнесува 13,1 проценти.

(В.Ма.)