НП „Шар Планина“ ги повикува посетителите доколку наидат на оштетени пасишта и грмушки од моторни возила, да направат видео или фотографски запис и да го споделат со Националниот парк.

– Единствените дозволени патишта за движење со моторни возила од Попова Шапка се по патот од викенд-населбата кон Долна Лешница и од скијачкиот центар кон бачилото над селото Урвич (делот под Вакаф), кој му се приклучува на патот за каналот Шарски Води. Секое движење надвор од овие два правца е спротивно на одлуката за движење со моторни возила во Националниот парк „Шар Планина“.

Поради трајно оштетување на природата, Државниот инспекторат за животна средина го забрани скијањето со ратраци во сите зони во НП „Шар Планина“, иако, според планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“, активноста скијање со ратраци е идентификувана како дозволена активност во сите зони, со исклучок на зоната на строга заштита.

Република Македонија е единствената држава во Европа во која може да се практикува скијање со ратраци во национален парк или популарно „Free ride“ скијање.

Согласно со Законот за заштита на природата, за организирање движење со моторни возила или движење со моторни возила во природа, освен во населени места и сите видови патишта, уредени патеки и полигони за возење, како и за преземање активности за користење на природата на начин што предизвикува оштетување или уништување на биолошката разновидност или преземање активности за користење на природата на начин што предизвикува деградација на почвата и губење на нејзината плодност, предвидени се прекршочни санкции, за правни лица со глоба во износ од 9.000 до 140.000 евра во денарска противвредност и глоба за одговорното лице на правното лице во износ од 500 до 7.000 евра во денарска противвредност.

Во зависност од големината на субјектот и прекршокот, како и глоба за физички лица во износ од 300 до 450 евра, во зависност од прекршокот, а од 15 март 2024 стапуваат во сила и кривичните дела од Кривичниот законик против животната средина и природата, каде што предвидените казни се навистина ригорозни за правните лица, односно предвидени се и високи затворски казни за управителите за утврдени кривични дела, од 1 до 10 години.

(С.Бл.)