Според министерот за економија Крешник Бектеши ако се иницира продажба на ЕСМ ќе се консултираат граѓаните, но тој е дециден дека додека е тој  министер нема тоа да го дозволи. Според неодамнешната објава на Македонската берза за хартии од вредност неготинска централа се спои со ЕСМ и повеќе нема да биде засебен правен субјект. Така целиот имот на ТЕЦ „Неготино“ сега е во сопственост на ЕСМ. Со тоа компанијата доби на вредност и сега основната главнина на ЕСМ достигна околу  525 милиони евра. Енергетската компанија располага со над 32 милиони обични акции со номинална вредност од илјада денари по акција.

 

Македонија треба да ги зајакнува енергетските капацитети, оти сопственото производство на електрична енергија и независноста од увозот на струја се големи придобивки за секоја држава. Енергетските објекти треба да бидат столб на енергетскиот сектор, кои треба да биде со домашен капитал. Тие сметаат дека домашното производство на струја не треба да се  запоставува, оти во одредени моменти цената на берзите не е предвидлива и не можеме целосно да се потпреме на купување  на големи количества електрична енергија. Ова е заедничкиот став на енергетските експерти откога во јавноста проструија информации дека се готви продажба на АД ЕСМ.

На оваа информација експресно одговори министерот за економија Крешник Бектеши, кои се повика на Стратегијата за развој на енергетиката и документи што ги носи Министерството за економија каде што не предвидува продажба на АД ЕСМ.

-Согласно со Стратегијата за развој на енергетиката и официјалните документи, што ги носи Министерството за економија, не е предвидена продажба на АД ЕСМ, туку е предвидено спротивното – ЕСМ да ги зајакне своите капацитети со цел да биде стожер на енергетскиот сектор во нашата држава. Дали во иднина би отишло на продажба ЕСМ или не, тоа не знае ниеден од нас, кажа деновиве  министерот за економија Крешник Бектеши и нагласи дека додека тој е министер за економија и член на владата тоа никогаш нема да го дозволи.

Тој смета дека за ова прашање треба да се вклучи јавноста, да се прашаат граѓаните и да одлучат дали ЕСМ сакаат да се продава или пак не. Бектеши вели дека домашно производство е значајно, оти само така може да им излеземе во пресрет на граѓаните за да не се зголеми цената на електричната енергија.

Сомневањата за можна продажба на државните електрани го забрза присоединувањето на ТЕЦ „Неготино“ кон ЕСМ. Со тоа компанијата доби на вредност и сега основната главнина на ЕСМ достигна околу 525 милиони евра. Енергетската компанија располага со над 32 милиони обични акции со номинална вредност од илјада денари по акција.

Според објавата на Македонската берза за хартии од вредност неготинска централа, се спои со ЕСМ и повеќе нема да биде засебен правен субјект. Така целиот имот на ТЕЦ Неготино сега е во сопственост на ЕСМ.

– На 29 февруари годинава, со Решение со деловоден број 3502024000533, направен е упис на статусна промена – присоединување на Акционерско друштво за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино во Државна сопственост, Неготино, кон Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на С Македонија во државна сопственост Скопје, со бришење на Акционерско друштво за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино – се вели во информацијата од Берза.

ТЕЦ Неготино е централа која со години служеше како ладна резерва, пред сè заради скапата струја која ја произведува од скапиот мазут. Но, за време на енергетската криза, централата одигра значајна улога во снабдувањето на домашниот пазар со струја.

Изминатиот период експертите предупредуваа дека енергетската криза, која удри директно врз џебот на граѓаните, е токму поради недоволното домашно производство на електрична енергија. Ако во изминатите 30 години се работело на ова поле, кризата во земјава немаше да биде толку голема.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2023 година, во Македонија вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува: 782.159 МWh електрична енергија, 29.352 мил. нм3 природен гас, 463.780 тони јаглен и 99.968 тони нафтени продукти.

Анализите покажуваат дека бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 72% во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 99,7% од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

(В.Ма.)