Мишел: ЕУ или да се прошири или ќе добие нова железна завеса на исток

178

Европската унија мора да се прошири или ризикува да се соочи со „нова железна завеса“ долж нејзиното источно крило, изјави во понеделникот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кога блокот одбележа 20 години од своето најголемо проширување досега.

„Проширувањето е од витално значење за иднината на ЕУ бидејќи без проширување постои ризик од нова железна завеса. Би било крајно опасно доколку имате нестабилно соседство со недостаток на просперитет или недостаток на економски развој. Тоа се нашите заеднички интереси – земјите кандидати и ЕУ – да напредуваме, да забрзаме“, додаде тој, пренесува Euronews.

Неговото остро предупредување доаѓа на годишнината од големото проширување во 2004 година, кога десет земји – вклучително и седум поранешни советски републики – добија членство во ЕУ.

Да не беше тоа историско проширување, ЕУ каква што е денес ќе беше поделена со „де факто железна завеса“, рече Мишел, што значи дека тие земји од источната страна ќе бидат цел на „политичките и идеолошките обиди на Кремљ да ги окупира“.

Девет земји од Источна Европа и Западен Балкан, меѓу кои и Македонија во моментов чекаат да станат полноправни членки на ЕУ.

Процесот на пристапување во блокот е познат како долг и сложен, при што земјите-кандидатки мора да ги исполнат тешките барања на ЕУ, вклучително и значајни судски и уставни реформи.

Додека руската инвазија на Украина внесе нов моментум во заспаната политика на проширување на ЕУ, обидите да се забрза процесот на пристапување ризикуваат да бидат спречени од поскептичните земји-членки.

Критичарите велат дека долгите одложувања во интеграцијата на земјите кандидати го поттикнуваат незадоволството кон Брисел.