„Merry-go-round“ – изложба на Олег Кулик во Мала станица

49

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ вечерва ќе биде отворена изложбата „Merry-go-round“ на Олег Кулик.

Кулик е роден во 1961 година, во Киев, и важи за еден од основачите на акционизмот во постсоветска Русија. Преку својата работа ги истражува односите меѓу политиката и моќта, емоционалните и физичките аспекти на односот меѓу луѓето и животните, нормалноста и отстапувањето, кичот и уметноста. Дипломирал на Кралската уметничка школа во 1979 година.

На изложбата во „Мала станица“ се претставени неговите антологиски акции од 90-тите години на минатиот век и познатите амблематски изведби од сериите „Бесно куче“, „Јас ја касам Америка, Америка ме каса мене“, „Ја сакам Европа, а таа не ми ја возвраќа љубовта“, фотоколажи од 2000-тите, како и нов перформанс и скулптура изведени во соработка со Музејот на современа уметност на Војводина.

„Изложбата, чиј организатор е Националната галерија во соработка со авторот и МСУ на Војводина, ќе биде поставена до 15 јули, а кустос за проектот е Ана Франговска. Ќе се организира и онлајн разговор со Кулик, а во почетокот на јули ќе гостува и Сања Којиќ-Младенов, куратор на проектот во Музејот на современата уметност на Војводина, која ќе одржи предавање за соработката со Кулик и за неговите позначајни проекти“, посочуваат од Националната галерија.