На Лазарева сабота во Кичево ќе се одржи свечена поворка со традиционални каланди

129

По повод празникот Лазарева сабота, во Кичево ќе се одржи свечена поворка за објава на Лазаревото воскресение, а воедно и подготовка за претстојните празници на влегувањето Христово во Ерусалим (Цветници) и најголемиот христијански празник – Воскресението Христово (Пасха).

Свечената литија ќе започне од градскиот плоштад во 11 часот и ќе се движи, преку булеварот „Ослободување“, до храмот на светите апостоли Петар и Павле, проследена од псалти, музичари на традиционални музички инструменти и верен народ.

Сите оние што сакаат да се вклучат во возобновувањето на оваа древна традиција на радост заради воскресението Лазарево и нетрпеливо очекување на Христовото воскресение, свечено треба да носат врбови гранчиња со традиционални пенија, т.н. каланди.