КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Сагата за СЈО, сага за погребаното правосудство

141

Сага е старонордиско предание, кое со усно или писмено пренесување на историски случувања, настани од минатото или животни искуства, ги предава од поколение на поколение. Сагата обично се пишувала или раскажувала за подвизите на боговите, кралевите, митолошките битија, а потекнува од глаголот segja кој значи да раскажуваш.

Не еднаш, особено во последниве триесетина години, ги копираме туѓите искуства, туѓите градби, туѓите будалштини и глупавштини, па зошто не би имале и своја, македонска сага. Ако нешто треба да биде раскажано, ако за нешто треба да се напише сага, тогаш е тоа несомнено СЈО или специјалното јавно обвинителство. Зошто токму за СЈО и ликовите од СЈО ќе се прашате, а одговорот е едноставен. Поради нивниот почеток и нивниот крај, поради нивните ветувања и никаквите резултати кои се една голема нула, поради вербата и поддршката на народот и шансата која ја имаа да станат херои, а државата вистинска правна држава, а на крај станаа губитници и ја доразнебитија и доурнисаа државата. Но да почнеме да ја раскажуваме сагата за СЈО од почеток.

Сагата за СЈО почнува многу пред неговото формирање, почнува во времето на барокната преродба, гипс картонот, поставување на споменици на секој чекор,  негување на кичерајот и глупавоста, полтронството и подаништвото, партизирана држава, заробени институции, корупција во невидени размери, популизам и политиканство, разнебитен правен систем, недопирливост на поединци и неказнивост. Во еден таков систем на безумно едноумие се појавија снимки од телефонски разговори помеѓу највисоките функционери на партијата која е на власт, чија содржина само го потврди она што народот го знаеше, корумпираност, партизираност, заболеност, заробеност и забеганост на секој сегмент на државата.

Се крена дел од народот против таквото страховладеење, другиот дел на народот застана во одбрана и како и секогаш народот се раздели на два табора, а политикантите како и секогаш седнаа на маса и преговараа за решавањето на кризата и го изродија Пржинскиот договор со кој е формирано СЈО за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Тој 15 септември 2015 година се појави Катица Јанева како заеднички избор за спасител на Македонија од лидерите на четирите најголеми политички партии. На 14 октомври и 4 ноември, истата година, беа избрани јавните обвинители во СЈО од Советот на јавни обвинители и со тоа обвинителскиот тим беше формиран. За првпат во Македонија се формираше и истражен центар и беше обезбеден и ставен на располагање на СЈО огромен буџет.

Почнаа прес-конференциите, анализите, слушање на снимки, објаснувања и дообјаснувања за огромен криминал за кој, како тврдеа од СЈО, имаа доволно докази. Секоја прес-конференција беше настан на денот, улиците празни, луѓето пред малите екрани ги слушаат жестоките зборови и констатации на трите грации од СЈО, кои беа издигнати на ниво на божици, како ветуваат правда и ослободување на државата. Се нижеа прес-конференции, интервјуа, се пишуваа песни на Златна бубамара за нив, се правеа емисии за нивниот животен пат и се дочекуваа од народот секаде како ослободители.

Но за тие две години од многу зборови се изродија малку резултати, одвај 5 обвиненија кои беа минорни во однос на бомбастичните најави и ветувања дури би рекол и разочарувачки. Огромните очекувања на народот и уште поголемите издатоци и платите на обвинителите никако не можеа да ја оправдаат нивната бавност во постапувањата со предметите и лежерноста која сè повеќе доаѓаше до израз па им беше поставен рок за подигање на обвиненија. Притиснати од роковите и очекувањата на народот за правда, хендикепирани од сопствената слава, диригирани од политикантските моќници на 29 јуни 2017 година, брзајќи да го запазат последниот рок за подигање на обвиненија, кампањски сработените 17 обвиненија беа предадени во судот, нешто што завршетокот и крајот на судските предмети ќе го покаже неколку години подоцна.

Од тој миг полека почнува да потемнува сјајот на СЈО и неполни три години подоцна на 30 јуни 2020 година згаснува после пет години и девет месеци постоење.

Денес, по девет години од формирањето на СЈО, со завршување на речиси сите предмети по подигнатите обвиненија резултатите се разочарувачки и катастрофални. Специјалната јавна обвинителка заврши зад решетките пред сите оние кои ги истражуваше и обвинуваше, срамно нанесувајќи му трајни последици на и онака разнебитениот правен систем. Ослободителните пресуди, застарените кривични дела се директна последица и резултат од многуте празни зборови, некадарност и неработење на СЈО кое си дозволи да подига обвиненија за злоупотреба на службената положба без докази, без изготвени вештачења за да докаже постоење на штета, конструирајќи обвиненија како приказна од прес-конференција, а не како јавно обвинителска одлука заснована на докази и правно знаење и логика.

Тоа што тие, како дел од СЈО, наместо херои станаа губитници и не е толку важно, но она што е важно е дека државата и правниот систем станаа губитници, а политикантите кои дојдоа на власт, колнејќи се во правдата и реформите, станаа полоши од оние кои ги наследија.

Денес просториите на некогашното СЈО се потсетник за изиграната доверба на народот, паметник за дволични и лажливи политикантчиња, меморија за заробена држава, корумпираност и расипаност на политикантите, опомена за народот да не верува секому и надгробна плоча на погубениот правен систем и правната држава. Најтажно е што, како тргнало, оваа сага за погребаното правосудство, ќе ја пишуваат и надополнуваат многу идни генерации.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)