Фрчат покани за постизборни дружби, ДУИ никој не ја кани

Кој со кого влегува во коалиција по 8 мај? 

1531

Ни преостануваат уште девет дена изборна кампања и партиските агенди се сè понабиени, а реториката сè поостра. Лидерите на партиите, заедно со носителите на листите, како и двајцата кандидати за претседател, и натаму, заедно со презентацијата на своите изборни програми, си разменуваат остри пораки. Дополнително, по сумирањето на резултатите од првиот круг на претседателските избори, се калкулира и со претпоставките за можниот број пратеници, па се прават проекции за можни постизборни коалиции. И се чини дека токму освоените гласови се црвен аларм за сите политички партии.

Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, отворено кажа дека партијата е против коалиција со ДУИ и уште вечерта на 24 април ја повика албанската коалиција „Вреди“ за формирање евентуална влада, викендов и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, со остра реторика кон својот довчерашен коалициски партнер. Всушност, лошиот резултат од првиот круг на претседателските избори и критиките на јавноста за однесувањето на ДУИ го натераа поранешниот премиер, викендов, во кампањата, наместо само до Мицкоски, да испрати критики и до коалицискиот партнер Ахмети. За лидерот на СДСМ, неприфатливо е тоа што „Европскиот фронт“ не го истакнува европското знаме на митинг и извикува УЧК.

– Сметам дека тој настап на Градскиот плоштад беше конкретно анахронен настап, кој само покажа дека ДУИ се соочува со свој противник за прв пат по долго време, политички од албанскиот блок. Да се разбереме, тие досега немале политички противник во албанскиот политички блок. Тие се 22 години на власт, со инсталиран систем, дупло поголем од оној што го имаше Груевски, бидејќи Груевски беше 11, тие се 22 години во власта, за на крајот на денот да заврши Таравари во првиот претседателски круг со 85 илјади, без никаква инфраструктура практично, визави 100 и колку илјади гласови за Османи. Тоа само покажува дека, по 22 години, на ДУИ единствена реторика во политичката борба за европска иднина ѝ останува да се приликува на анахрони повици од 2001 година. И кому му штети тоа, тоа му штети на оној што сака да изгради мултиетничко општество во државата – посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и на поткастот „Политиканти“.

Изненадувачки добриот резултат го натера лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, самоуверено да ги објави своите црвени линии за влез во владата. Дефинитивно, изјави лидерот на ЗНАМ, еден од условите е да ги нема СДСМ и ДУИ во неа.

– Јас знам дека повеќе никогаш во Македонија нема да биде исто. Како што реков, нема простор за идна коалиција со ДУИ, бидејќи гледаме голема одговорност во таа политичка партија, која е повеќе од 20 години на власт, ниту, пак, можност за коалицирање со ова актуелно раководство на СДСМ. Ја користам оваа можност, бидејќи знам дека има голем број чесни членови во таа партија, да му се приклучат на ЗНАМ, бидејќи ЗНАМ е опцијата што ќе ја придвижи државата напред и ќе излезе од старите стереотипи – рече Димитриевски.

Со ова, позициите на албанската опозиција за партнер во влада се зајакнуваат. Арбен Таравари објави на социјалните мрежи дека е во контакт со Мицкоски, но дека за влез во идната влада ќе се водат од националниот интерес на Албанците.

И Африм Гаши, во интервју за МИА, истакна дека идниот мандатар мора најпрво да разговора со „Вреди“, дека е најдобро за државата во новата влада да има и претставник на Албанците и дека ќе направат сè да се убедат со идниот партнер да почнат со процесот на уставни измени.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, тврди во јавните настапи дека никој не бил полегитимен претставник од нив и додава дека сега, со „Европскиот фронт“, се уште посилни.

– Некој мисли да одржува куќа со кредити, ние сме тие што работат и си обезбедуваат леб; тие што размислуваат со кредити, не може да чуваат куќа и резултатот се виде на 24 април. Ги имавме платформата и фронтот, имавме за кого да работиме. Овој фронт е долгорочен, не е за една употреба. Да дејствуваме до полноправно членство на земјата во ЕУ, како единствена алтернатива, бидејќи немаме друг пат, додека не ѝ кажеме „да“ на Европа, нашата определба да бидеме членка на ЕУ за неколку години, како единствено решение за луѓето да не бараат подобар стандард надвор од земјава – изјави првиот човек на ДУИ, во Кичево.