Чоколадо ќе јадеме на коцки: Рекордна цена на какаото на берзите

2334

Омилената слатка наскоро би можела да биде горчлива поради повисоката цена. Цените на какаото постојано се зголемуваат бидејќи Западна Африка, клучна област за производство на оваа суровина, ја забележа третата последователна лоша жетва. Минатиот вторник го достигна највисокото ниво на сите времиња на берзите во Лондон и Њујорк, надминувајќи 10.000 долари. Во изминатата година цените на какаото скокнаа за околу 231 отсто.

Во моментот цената на какаото е трипати поскапа отколку пред една година.

Според западните медиуми, производителите на чоколади имаат проблеми со снабдувањето, а многумина предупредуваат дека ќе мора да ги зголемат цените на своите производи или да ги намалат пакувањата.

Што се однесува до земјите кои заедно произведуваат повеќе од половина од глобалниот род на какао, Гана и Брегот на Слоновата Коска, тие се погодени од екстремни временски услови кои дополнително се влошија од климатската криза и феноменот „Ел Нињо“. Ситуацијата е отежната од болестите на земјоделските култури кај западноафриканските одгледувачи и недоволното инвестирање во старите насади. Поради ова, залихите на какао се намалуваат ширум светот.