Мнозинството на стаклени нозе, ама стабилно  

49

И покрај различните ставови по одредени прашања, владата е стабилна- уверуваат од „Илинденска“, откако дел од помалите коалициони партнери најавија дека повеќе не се гледаат на иста линија со СДСМ.

Во последниве неколку денови неколку партии ја условија нивната понатамошна соработка со владејачката СДСМ.

„Достоинство„ на Стојанче Ангелов деновиве рече дека е можно повлекување од коалицијата со Димитар Ковачевски, откако мнозинството не го прифати предлог законското решение за бранителите. Од Владата велат, ќе се обидат да најдат решение.

-Овде се работи за едно законско решение што го имаме разговарано со претседателот на „Достоинство“, меѓутоа таму постои одреден проблем на усогласеност со други закони. Се обидуваме да изнајдеме решение што ќе биде законски усогласено, бидејќи да изгласате закон што не е усогласен со други закони, на крај можете да направите проблем да не може да се реализира или да мора да се враќа назад одредено законско решение. Само од тие причини е, не е по некоја друга линија на соработка, посочија од Владата.

Повлекувањето на Демократскиот сојуз, велат од Влада, за нив е очекувано.

– Не може вие да изградите кариера на правење конфликт со одреден сосед, па потоа да поддржите решение со кое што заедно со тој сосед ќе бидете дел од ЕУ. Значи, тоа е утопија, коментираат владини извори.

Повторија дека СДСМ прва застанала зад концептот на една изборна единица и оти претставникот на оваа партија во Комисијата за реформи на изборното законодавство има многу јасна насока дека може да разговара за една изборна единица.

-Јас сум поборник за отворени листи да може да си изберат граѓаните кого сакаат да го гласаат. Некои пратеници мислат дека треба ним лично да им се гарантира место во Парламентот, па цел живот вработување да им биде член на Парламент, што не е во ред. Затоа мислам дека ако биде една изборна единица треба да бидат отворени листи и исто така да се разговара за прагот, бидејќи ако нема праг тогаш може да ви се случи деловни заедници да ви кандидираат пратеници. За прагот треба да се направат калкулации, а 3 до 4,5 проценти може да биде интересна бројка, вели владин функционер.

На брифинг со новинарите, од власта ја отворија и темата што е најголемиот предизвик за владејачкото мнозинство – измените во Уставот.

Брифираат дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници и претставници на раководството кои не мислат како дел од актуелното раководство и кои сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ и тие поединци, како што додаваат, треба да се охрабрат.

Дополнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии треба да бидат дел од носењето на оваа одлука, бидејќи да не се биде дел од вакви одлуки е невредно за една политичка партија, која, како што велат, постои од првиот ден од осамостојувањето на државата.

Оттаму појаснуваат дека не е разговарано директно со пратеници од опозицијата, ниту пак како да одлучуваат, туку, велат, обврска на секој поединец е да носи одлуки од интерес на граѓаните.

Тие порачуваат дека евроинтеграцискиот процес е „неповратен процес којшто е започнат и не може некој да го врати назад, ниту да го однесе во друга насока“.

Ако не се донесат уставни измени, потенцираат- влегуваме во изолација и во група на држави без долгорочна перспектива..

Варијантата А, велат владини извори, е завршување на уставните измени и продолжување – отворање на првото Поглавје, а варијанта Б е незавршување на уставните измени и прекинување на преговорите, Албанија да ги продолжи преговорите, а ние влегуваме во една декада на изолација и ја пропуштаме шансата, имајќи ја предвид новата геополитичка состојба пред се заради Украина.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија дека со низата постапки направиле антиевропски фронт.

-ДУИ и СДС креираа анти-ЕУ Фронт. Јавно признаваат дека прават брутална злоупотреба на европското знаменце, знак за процедура ја скратување на постапки за усогласување на закони со европските. ДУИ и СДС креираа Фронт за одбрана на криминалот, туркаат закони на сила, ја кршат демократијата и го суспензираат Собранието. Се, за да им мине криминалот, прифатени услови спротивни на законите. Работата нема да оди побрзо ако нема проект и дозвола за градба, градбата нема да оди побрзо со преморени работници, ниту со плаќање за дивоградбите. Единствено ќе оди криминалот на ДУИ, а полтронот Ковачевски ќе ја продолжи за неколку месеци политичка кариера, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Најголемата опозициска партија потенцира дека несогласување со политиките на СДС и ДУИ покажува дека нема стабилност во власта и дека ќе треба да се оди на предвремени парламентарни избори.    (Ј.Ц.Г.)