Според директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р  Бесник Зеќири, состојбата е мирна и стабилна, а во моментов кај нив се хоспитализирани само 40 деца со бронхопневмонија, што покажува дека не се исполнети целосно нивните капацитети. И претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски, смета дека  во моментов епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а Институтот за јавно здравје за една недела регистрира 1.135 пациенти

 

 

По стартот на второто полугодие нема зголемување на бројот на болни  ученици од омикрон, грип или сезонски респираторен вирус. Училниците се полни, а како што велат лекарите сезонските инфекции се под контрола.

Според директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р  Бесник Зеќири, во моментов кај нив се хоспитализирани само 40 деца со бронхопневмонија, што покажува дека не се исполнети целосно нивните капацитети.

-Состојбата е мирна и стабилна. Иако е само првата седмица од второто полугодие. До петок идната седмица ќе видиме дали почетокот на вториот дел од учебната година ќе влијае на бројката на пациенти кои ќе дојдат во нашата установа, Зеќири и дополни дека зголемен број на пациенти, помали и повозрасни деца, имале пред Новата година.

И претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски смета дека  во моментов епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, иако сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум-осум недели.

Сè уште се движиме кон врвот, годинава сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум-осум недели, но според податоците од соседните земји, веќе се приближуваме на некое плато. Ова топло време многу нè погодува за ширењето на грипот, така што можно е за речиси недела-две да го достигнеме максимумот. Притоа, овој максимум не се разликува од максимумите кои години наназад просечно ги достигнуваме што значи ништо неочекувано во овој момент не се случува, изјави д-р Петличковски.

И бројките на Институтот за јавно здравје за третата недела од јануари покажуваат дека опаѓа за 15 отсто на лицата со симптоми на грип. За една недела се регистрирани 1.135 пациенти со инфлуенца, а во втората недела нивната бројка била 1.358.

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, од 142 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, со ковид биле 17 отсто од материјалите и се детектирани 23 позитивни лица, останатите се инфлуенца од типот А и нејзините подвида A/H3 и А/Н1.

Оваа сезона во Македонија се регистрирани 4.232 лица со грип, по месеци во октомври – 62 случаи, во ноември – 82 случаи, декември – 786 случаи и до 22  јануари годинава – 3.302 случаи или 78 отсто од вкупната бројка.

Заклучно со третата недела од јануари годинава во Македонија, вакцинирани се вкупно 57.465 лица, што споредено со останатите години е рекордна бројка.

(В.Ма.)