Нема антикризни мерки за помош на компаниите и на граѓаните

Владата само ги слушна предлозите на експертите и барањата на бизнис-заедницата и не донесе конкретни мерки за помош на компаниите и на граѓаните за ублажување на ценовниот шок. Бизнисот ѝ порача на Владата дека нема време за чекање и оти мора итно да се дејствува, синдикатите побараа зголемување на платите бидејќи работниците трпат удар од кризата, а со мерките да се заштитат најранливите категории - сугерираат професорите

82

Владата само ги слушна предлозите на експертите и барањата на бизнис- заедницата и не донесе конкретни мерки за помош на компаниите и на граѓаните за ублажување на ценовниот шок. Пред почетокот на седницата на Економскиот совет на која, покрај економскиот тим на Владата, присуствуваа и претставници на коморите, на синдикатот, на бизнис-секторот, универзитетски професори и академици од МАНУ, бизнисот ѝ порача на Владата дека нема време за чекање и оти мора итно да се дејствува, синдикатите побараа зголемување на платите бидејќи работниците трпат удар од кризата, а со мерките да се заштитат најранливите категории – сугерираат професорите.

Од коморите предупредија дека сметките за струја се зголемени и за шест пати и се во многу тешка состојба, која очекуваат да ескалира со отпуштање работници, намалување на производството и со клуч на врата во следните два месеца, кога ќе се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, пред почетокот на седницата изјави дека доколку во најскор можен рок не бидат презентирани кризните мерки, најмалку 20 отсто од фирмите ќе стават клуч на врата.

Од МАНУ беше презентиран планот за развој на енергетскиот систем на Македонија, од страна на академик Таки Фити, кој изјави дека мерките на Владата треба да бидат таргетирани кон ранливите категории и да се воведат ваучери, кои, исто така, би биле наменети за најранливите.

-Ние се најдовме во ситуација кога немаме доволно домашно производство на електрична енергија. Години немаше инвестирано ништо и сега треба да го решаваме проблемот, а ситуацијата станува сè потешка. Ограничен фискален простор, опасност од стагфлација, висока стапка на инфлација и на невработеност – изјави Фити.

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски оцени дека сега приоритет е да се спречи неконтролираниот раст на цените, предупредувајќи дека доколку не се случи тоа, нема да дојде до економски раст, не само во наредниот квартал туку и во наредните неколку квартали.

-Светот се соочува со избор или да ја зачува макроекономската стабилност со ниски цени и ниска инфлација или да жртвува дел од растот. Владите обично избираат што да направат. Моето мислење е дека во моментот треба да се води сметка за ценовната стабилност, но, сепак,за тоа одлучува Владата, а не ние – изјави Поповски.

Дарко Димовски од Сојузот на синдикатите повтори дека е потребно зголемување на платите на работниците, кое го бара веќе подолг период.

-Ние ќе излеземе со конкретни мерки за ублажување на оваа енергетска и економска криза. Целта на мерките е да им се помогне на работниците со ниски примања, но ние и понатаму ќе бараме зголемување на платите – изјави Димовски.

И покрај тоа што вчера беше крајниот рок што ѝ го даде Стопанската комора на Владата да донесе конкретни мерки за помош на компаниите, сепак, не се склучи тоа на оваа седница.

(А.С.)