Главното изненадување на отворањето на реномираниот фестивал на новореставрирани филмови “Il Cinema ritrovato” , кој кон крајот на јуни и почетокот на јули, по 36. пат се одржа во италијанскиот град Болоња, поточно во киното „Џоли“, беше македонскиот кусометражен, осумнаесетминутен игран филм од 1957 година „Бунт на куклите“. Филмот е во режија на Димитрие Рули Османли, а по сценарио на Љубе Петковски, кој воедно е и директор на фотографија.

Овој детски филм со антивоена порака, со многу онирични елементи, од колегите од Кинотеката во Болоња беше оценет како вистински „бисер“ и не случајно се најде на програмата на отворањето на фестивалот. „Бунт на куклите“ е филм во кој главната улога ја толкува тогаш деветгодишниот доајен на македонското глумиште – Емил Рубен, но не е негов дебитантски филм. Имено, Рубен две години порано веќе глуми во филмот „Тие двајцата“ (Njih dvojica) на Жорж Скригин, а истата, 1957 година, ја игра главната ролја во македонскиот долгометражен игран филм „Малиот човек“ во режија на Жика Чикулиќ.

Овде, во „Бунт на куклите“, Емил Рубен е едноставно брилијантен, а таа детска спонтаност, поткрепена од мајсторската режија на Димитрие Османли, успеа да ѝ ја пренесе и на одушевената публика во Болоња, која заедно со него се смееше, се радуваше и се плашеше во соодветните сцени од филмот, во чија реализација учествувале и Василие Поповиќ-Цицо како сценограф, Скопската филхармонија, што ја изведува музиката на композиторот Ладислав Палфи и членови на Балетот при Скопскиот народен театар во кореографија на Ѓорѓи Македонски.

„Бунт на куклите“, којшто по проекцијата беше награден со долг аплауз, подоцна беше проектиран и во официјалната фестивалска програма, а признанието што го доби македонската кинематографија со неговата проекцијата на отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови “Il Cinema ritrovato” во Болоња е дотолку поголемо, што ова беше прв и засега единствен македонски филм проектиран на овој ренимиран фестивал.

Во 2020 година, Кинотеката на Република Северна Македонија, филмот „Бунт на куклите“, заедно со уште триесет други репрезентативни кусометражни играни остварувања од сите етапи на македонската кинематографија, дигитално ги реставрираше во Белград и во Кинотеката, а истата година беше објавено и двојазично DVD-издание со реставрираните филмови, на македонски и англиски јазик, под наслов „Македонски кратки играни филмови (Macedonian Short Feature Films)“.