Црногорскиот ракометен репрезентативец Божо Анџелиќ (30) е нов играч на македонскиот шампион Вардар, од следната сезона. Тој игра на позиција среден бек и во Вардар доаѓа од унгарски Ференцварош каде настапува од 2018 година.

Договорот со Анџелиќ е потпишан на една сезона со можност за продолжување на уште една доколку клубот биде задоволен од неговите услуги. Црногорецот е второто засилување во тимот за следната сезона, по Словенецот Нејц Цехте кој доаѓа од Бундеслигата.

Анџелиќ е актуелен репрезентативец на Црна Гора и има повеќе од 60 настапи за репрезентацијата и над 100 постигнати гола.

Во играчката кариера Анџелиќ има настапувано за тимот на Црвена звезда, Малме, Чеглед и Металург, а потоа замина во Ференцварош. Со Металург играше и во Д групата од ЕХФ лигата на шампионите и постигна вкупно 32 гола.