Ревитализацијата на улицата „Манчу Матак“ во завршна фаза

35

Во завршна фаза е реконструкцијата на коловозот на улицата „Манчу Матак“ во населбата Хром. Со тоа продолжува реализацијата на капиталните проекти на Општина ѓорче Петров. Ова денеска го истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски извршија увид во градежните активности.

Се работи за целосна ревитализација на коловозот на оваа сообраќајница, а изведена е и целосно нова линија на атмосферска канализација.

Самиот асфалтен слој  е во приближна должина од околу 650 метри, додека пак атмосферската канализација со краците се со должина до 850 метри. Делот на атмосферската канализација кој што е под ова улица понатаму се приклучува на главниот колектор под улицата „Кичевска“ и оди се до реката Вардар.

-Ова е многу битен проект за овој дел на населбата затоа што на овој начин ќе се регулира истекувањето на атмосферските води со што ќе се олесни и во дел канализациониот систем за отпадни води на самата улица – вели Стојкоски.

Дополнително, се изврши и делумна промена на инсталациите за електрична енергија, со што, се остави простор  да има можност да се приклучат повеќе објекти, да се подобри напонот во делот. Изведени се нови тротоари со приближна големина од некои 1700 метри квадратни.

Целиот овој проект е финансиран преку заем од МСИП 2 програмата на Светска Банка преку Министерството за финансии и конкретно овој проект чини отприлика околу 20 милиони денари.