Рудникот „Бучим“ ќе плати глоба од 40 илјади, а бугарската „Булмак 2016“ – 33.000 евра за сторени еколошки инциденти

97

Рудникот „Бучим“ од Радовиш ќе плати глоба од 40.000 евра поради сторен еколошки инцидент, во октомври минатата година, кога истече јаловина во Топилничка Река. По пријава на инцидентот од менаџментот на „Бучим“, од страна на Државен инспектор за животна средина беше направен вонреден надзор и беше задолжен правниот субјект да го стопира истекувањето и да го исчисти теренот, но тоа не им ја тргна одговорноста за која и беа казнети од ДИЖС.

– На 10.2.2022 година пред Комисијата за спогодување при МЖСПП е постигната Спогодба за плаќање глоба за сторен прекршок казнив по член 212ж, став 1 т.1, а во врска со член 20 од Законот за животната средина во висина од 40.000 евра во денарска противвредност. Глобата ќе се исплаќа на четири еднакви рати, почнувајќи од март заклучно со месец јуни 2022 година – информираа од ДИЖС.

Исто така, глоба од 33.000 евра треба да плати и рудникот „Злетово“, поточно бугарската компанија „Булмак 2016“ од Пробиштип, кај кои лани во август Државен инспектор за животна средина утврди еколошки инцидент каде што беше забележано истекување на јаловина. Субјектот беше задолжен да направи санирање на еколошкиот инцидент и беше покрената постапка за прекршок од трета категорија за кој е предвидена казна од 100.000 евра, а за одговорното лице е 30 отсто од висината на глобата за правното лице.

– На 13.1.2022 година пред Комисијата за спогодување при МЖСПП е постигната Спогодба за плаќање глоба за сторен прекршок казнив по член 212ж, став 1 т.10 и 12, а во врска со член 151, став 1 т.1, 2 и 4 и член 198 став 1 т.42 и 43 од Законот за животната средина, во висина од 33.000 евра во денарска противвредност. Глобата треба да се исплати во рок од 90 дена од потпишувањето на спогодбата – велат од ДИЖС.

(С.Бл.)