Парацетамол, антибиотици и други лекови во реките е ризик за глобалното здравје

90

Парацетамолот, никотинот, кофеинот, лековите за дијабетес и епилепсија фрлени во реките се најголемите загадувачи и се закана за јавното здравје, вели најголемото истражување направено од Јорк Универзитетот во Торонто.

Загадувањето на реките со лекови и фармацевтски производи претставува закана за животната средина и глобалното здравје, се наведува во студијата, која, според Би-Би-Си, е меѓу најобемните истражувања спроведени на глобално ниво.

Најзагадени се реките во Пакистан, Боливија и Етиопија, а најмалку се реките во Исланд, Норвешка и прашумите на Амазон.

Сепак, влијанието на многу од најчестите фармацевтски соединенија во реките сè уште е во голема мера непознато, но веќе е утврдено дека растворените човечки контрацептиви можат да влијаат на развојот и репродукцијата на рибите.

Студијата опфати вода од повеќе од 1.000 локации во повеќе од 100 земји и заклучи дека повеќе од една четвртина од 258-те реки земени во примерокот содржат „активни фармацевтски состојки“ присутни на ниво кое се смета за небезбедно за водните организми.

Во извештајот се вели дека зголеменото присуство на антибиотици во реките, исто така, може да доведе до развој на резистентни бактерии, оштетувајќи ја ефикасноста на лековите и на крајот претставувајќи „глобална закана за животната средина и глобалното здравје“.

Двата најчесто откриени лекови се карбамазепин, кој се користи за лекување на епилепсија и нервни болки и метформин, кој се користи за лекување на дијабетес.

Пронајдени се и високи концентрации на таканаречените „живи потрошни материјали“ како кофеин и никотин, како и парацетамол за болка.

Најзагадените локации биле главно во ниско или средно развиените земји, каде лошо се управува со отпадните води и фармацевтското производство.