Како што пренесуваат американските медиуми, ѕвездата на Голден стејт, Кевин Дурант, ја стави својата куќа на продажба и си купи нова во Њујорк.

Новинарот Рич Бушер во својата емисија „The Herd“ ја откри оваа информација и со тоа им даде голема надеж на навивачите на Њујорк кои оваа сезона го гледаа својот тим како се измачува во НБА лигата, завршувајќи на последното место во Источната конференција.

Веќе со месеци се шпекулира за преминот на Дурант во редовите на „никси“, а новиот дом би можел да биде и доказ на трансферот кој често се споменуваше. Но, продажбата на куќата има и друг епилог. Имено „воините“ од Окланд се селат во арената во Сан Франциско, па токму затоа Дурант сака да се ослободи од стариот дом. Истото го направи и првата виолина на тимот, Стеф Кари.

Меѓутоа, според американските медиуми, ситуацијата околу Кевин е сосема поинаква, бидејќи поранешниот МВП одлучил да го зголеми својот имотен лист и со куќа во „Големото јаболко“.

Покрај Дурант, се споменува дека „воините“ на крајот од сезоната би можеле да останат и без Клеј Томпсон, Дрејмонд Грин и Демаркус Казинс.