„Ванда Метрополитано“ во Мадрид ќе ги нагости екипите на Ливерпул и Тотенхем во денешното финале (21 часот) од најквалитетното клупско натпреварување во Европа, Лигата на шампиони.

За Ливерпул ова е второ финале во ЛШ во низа, во кое ќе се обиде да дојде до шестата титула. Воден од големината на натпреварот, менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, смета дека првенствените натпревари против „Спарс“ не значат ништо, иако неговите избраници славеа на двата натпревара со идентични 2:1.

  • Го респектираме противникот како добар тим со неверојатна историја на игра во Лигата на шампионите оваа сезона. Тоа ќе биде тежок меч. Ги добивме двата натпревара во шампионатот, освоивме повеќе бодови, но сето тоа не се брои овде. Ако се потсетиме на домашниот натпревар, ние брилијантно го одигравме првото полувреме, но не и второто. Да не кажам дека бевме пет нивоа над нив. Сакам така да биде во финалето. Размислуваме за Тотенхем и што можат да направат. Тие ја менуваат тактиката често. Можеби три недели по претходниот натпревар, тие ќе имаат нов пристап во финалето. Кој знае? Ќе видиме. Мораме да бидеме подготвени за овој натпревар, изјави Клоп.

Од друга страна, Тотенхем ќе брка клупска историја и ќе се обиде за прв пат да дојде до најзначајниот трофеј. Предводникот на „спарси“, Маурисио Покетино, искрено верува дека ќе успее во намерата да го освои првиот трофеј со клубот.

  • Мојата мајка вели дека често плачам, и кога сум среќен и кога сум тажен. Ми се случува да заплачам и на враќање од тренинг ако слушнам тажна песна. Постои музика која ме потсетува на Аргентина. Плачам и кога гледам филмови. Ако го освоиме трофејот во Лигата на шампиони мислам дека нема да можам да запрам една недела. Инаку, со тимот на Ливерпул се познаваме доволно, но не смееме да се потсетиме на мечевите од „Енфилд“ и „Вембли“, додаде емотивецот Покетино.