Легендарниот Формула 1 возач, Михаел Шумахер, сè уште е во тешка состојба, но еден од неговите најблиски соработници тврди дека е тој „во најдобри раце“. За време на новото интервју за германските медиуми, поранешниот директор на Ферари, Жан Тод, истакна дека поранешниот возач е опкружен со луѓе што го сакаат.

Имено, Михаел Шумахер имаше тешка несреќа на скијање во декември 2013 година и по девет месеци болничко лекување, беше префрлен на домашно закрепнување. Оттогаш, неговата сопруга Корина, која стана глава на семејството, ги чува во тајност деталите за неговото здравје и само повремено излегуваат детали за неговата вистинска состојба.

Кругот на луѓе што имаат пристап до Шумахер е многу мал, и Жан Тод два пати месечно оди да го посети. Тој повремено, во негово друштво, ги следи трките во Формула 1, каде што денес се натпреварува Мик Шумахер, син на легендарниот ас.

  • Среќен сум што навивачите, не само во Германија, мислат толку многу на него. Луѓето прашуваат многу за Михаел. Навивачите треба да знаат дека тој е во сигурни раце. Може да биде опкружен со луѓе што го сакаат – вели Тод.

За разлика од поранешниот директор на Ферари и еден од најблиските соработници на Шумахер за време на тркачката кариера, другите не можат да го видат Михаел. Неодамна за тоа проговори Еди Џордан, поранешниот сопственик на тимот во Формула 1.

  • Корина во еден момент беше во врска со мојот возач Хајнц-Харалд Френцен. Таа го остави и подоцна се омажи за Михаел. Бидејќи ја познавам, ја контактирав и ја прашав дали може да дојдам да го видам Шумахер. Ми рече – не. Таа ми рече дека никој не може да го види, освен најблиските членови на семејството. Не долго по тоа, неговиот син Мик дојде кај мене. Тој е навистина прекрасно момче – раскажа Џордан.