Фестивалскиот настан деновиве е вистинско уживање не само за публиката туку и за новинарите, медиумите – пишаните и оние електронските. „Седмата сила“ овде, во Охрид, има соодветен, заслужен третман. Професионално е организирано сметувањето во модерниот хотел „Village“, условите за работа во прес-центарот се на сосема задоволително ниво, а на крајот од денот има и дружење со пејачите, авторите, водителите… во охридските кафулиња и кафеани. Меѓу нив, секако, се и Редакцијата на нашиот весник ВЕЧЕР и порталот vecer.press, медиумски пријатели на „Охрид фест – охридски трубадури“

Дуле Миќиќ/фото:ФБ/Јутјуб

Фестивалот „Охрид фест – охридски трубадури 2022“, бастионот на убавата македонска песна зачинета со онаа интернационалната, стартуваше синоќа со Фолк-вечерта, на која настапија и многу познати македонски фолк-пејачи, меѓу кои: Благица Павловска, Благоја Грујовски, Петар Нечоски, Стојне Николова, Зуица Лазова…

Тие пееја убави, допадливи и секако, пред сè, певливи песни, кои имаат цел да ја освојат публиката уште при првото слушање. Така и беше, па публиката во Долни Сарај ги награди повикувајќи ги на бис и со громогласно ракоплескање. Традиционално, водителката на Фолк-вечерта беше, во секој поглед, добрата и комуникативна Каролина Петковска.

Според нас, и без какво било лутење, најдобар впечаток остави сè уште сексапилната Благица Павловска, која пеејќи иден хит, знаеше како се доаѓа до срцето на публиката. Како што е најавено така и се остварува, фестивалот е пренесуван од националниот сервис – Македонската телевизија, а како одложена снимка ќе се емитува деновиве, на повеќе од десет телевизии на Балканот.

– Фестивалот и годинава, покрај познатите имиња, понуди и некои сè уште неафирмирани, бидејќи ги охрабруваме новите музички сили давајќи им можност да ја започнат музичката кариера токму во Охрид. Така, на времето, беше со Тоше Проески, кој токму од охридската сцена со песната „Усни на усни“ направи фантастична кариера. И не само Тоше, има уште неколкумина пејачи на кои, како што се вели, „Охрид-фест“ им е судбина – изјави првиот човек на Фестивалот, директорот Григор Копров.


Фестивалскиот настан деновиве е вистинско уживање не само за публиката туку и за новинарите, медиумите – пишаните и оние електронските. „Седмата сила“ овде, во Охрид, има соодветен, заслужен третман. Професионално е организирано хотелското сметување, условите за работа во прес-центарот се на задоволително ниво, а на крајот од денот има и дружење со пејачите, авторите, водителите… во охридските кафулиња и кафеани. Меѓу нив, секако се и Редакцијата на нашиот весник ВЕЧЕР и порталот vecer.press, медиумски пријатели на „Охрид фест – охридски трубадури“.

Втората, Интернационална вечер започнува вечерва, со 15 нови песни. Меѓу пеењето ќе има неколку интересни музички блокови, кога публиката ќе се забавува со песните на Томи Мишел, Срѓан Марјановиќ, групата „Рандеву“ и, секако, најголемата фестивалска ѕвезда – Владо Калембер.

И оваа вечер, традиционално, ќе ја водат Марјана Станојковска и Васил Зафирчев, за кои многумина веќе кажаа дека се нашите Миќа Орловиќ и Дуња Ланго. Меѓу поатрактивните учесници на вечерашнава забавна меѓународна поп-вечер е, секако, Александар Јосифовски – рокерот вицешампион на „Ѕвездите на Гранд“, кој во дует со Белма Хусеинфендиќ ќе ја пее песната „Глупаво е да си сам“, инаку композиторско дело на Горан Шарац, кој воедно е и уметнички директор на „Охрид-фест“.

Тука мислиме и на македонската евровизиска претставничка Андреа, која ќе ја пее песната од Александар Масевски и која пред почетокот на фестивалот изјави дека воопшто не ѝ пречи што е дебитант, дека тоа ѝ дава мотивација плус да се претстави во најдоброто издание со една разиграна песна.


Сè на сè, сите патишта и вечерва водат во балканскиот Ерусалим, од кој по 29. пат ќе се разлеат забавните ноти, фолк-нотите, нежната македонска староградска песна со мирисот на Медитеранот, но и жестокиот поп-рок подзасилен од моќта на охридските бранови. Дојдете во Охрид! Локацијата е Долни Сарај, а почетокот е во 20 часот. Не чини да се испушти. А, нема да недостигаат и забави за учесниците, новинарите и за пријателите на фестивалот. Сè е под контрола!