Недолжни кучиња завршуваат фатално во организирани крвави борби

86

Крвави кучиња кои се гушат во сопствена крв и чии рани се предизвикани од организираните меѓусебни борби, кои често пати завршуваат фатално, деновиве можеа да се видат на фотографии постирани на социјалните мрежи. И додека кучињата се облеани во крв и страдаат, на фотографиите може да се види како учесниците или организаторите на борбите се гордеат и смеејќи се покажуваат кон победникот. Борбите според реакциите на здружението „Лајка“ се одвивале на специјалено подготвен ринг на јавна површина во околина на Охрид, на излезот кон Струга.

 

– Ликови, добро познати и на полицијата, си организираат борби и мува не ги лази (заради наша безбедност моравме да ги цензурираме лицата). Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот „Андон Дуков“ се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била избркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија) – велат од „Лајка“.

Оттаму додаваат дека иако се прекршуваат низа законски одредби, некои имаат „привилегија” да се ставаат над законите и притоа, иако прекршуваат закон се закануваат на оние што ги почитуваат законите и важат за чесни и совесни граѓани.

Од „Лајка“ нагласуваат дека тие не се осмелуваат да пријават во полиција, бидејќи како што велат се свесни за ризикот по нивната безбедност, оти во полицијата несомнено има и лица ближни на ликовите кои се вклучени во организирањето и учеството во овие борби. Тие додаваат дека локацијата и добро позната и на полицијата, која како што наведуваат, доколку е доследна на заклетвата која ја дала и на она што е нејзина должност, би делувала и врз основа на оваа објава и доказен материјал.

– Да, и фотографиите се доказ, (за оној што на правината и доброста сакаат да им служат), на ова очигледно прекршување на законите и дивеење ширум државава. Не може и не смее за некого законите да важат (и за најмали ситници), а за некои да не важат (и за вакви големи зла) – децидни се од „Лајка“.

Од здружението велат дека кутрите животинчиња се недолжно измачувани и злоупотребувани заради нечии психички и душевни изместувања.

– Од овие зла се создава подлога да се правата зла и врз луѓе. Тешко таа држава која таа вистина не умее или не сака да ја воочи – реагираат од „Лајка“.

На овој грозоморен чин реагираа и од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Тие сметаат дека една од најмонструозните форми на измачување, страдање и болка на кучиња и кај нас е добро познатиот бизнис со организираните борби со нив, во кои овие животни се користат и во поголем дел од случаите завршуваат фатално, убивајќи се меѓусебно.

– Низ годините сме сведочеле на илјадници вакви громорозни слики, настани каде што несреќните животни го изгубиле својот живот давејќи се во сопствената крв додека група неандерталци, луѓе што го изгубиле основното чувство што ги прави луѓе – емпатија, заработуваат на нивниот победник што е победник до следната рунда, борба и низа други се додека не заврши фатално во својата последна изгубена борба за живот – нагласуваат од „Анима Мунди“, додавајќи дека дел од кучињата кои овие злосторници ги користат и не се „квалификуваат” за умоболните дејствија на кои се принудувани или завршуваат на улица или се немилосрдно убиени од страна на нивните сопственици.

Од здружението велат дека секоја нивна пријава и пријава на граѓаните за ваков тип на кривично дело никогаш не вродила со резултат, никогаш никој не бил фатен и никогаш никој не бил казнет.

Од „Анима Мунди“ нагласуваат дека на патот помеѓу Охрид и Струга, како да не постојат закони и институции во државава.

– Како недопирливи за Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, овие криминалци се сликаат со своето кривично дело. Има ли капитен овој брод? Има ли оваа држава закони и институции што треба да ги имплементираат? Планира ли Министерството за внатрешни работи да превземе соодветни дејствија за овој црн бизнис со кој во одредени населени места секоја втора куќа се бави а илјадници кучиња страдаат годишно? –прашуваат од „Анима Мунди“.

Тие бараат од наведените институции веднаш да постапат и да превземат се што е во нивна надлежност за овој и за сите слични вакви случаеви на мачење, малтретирање и убивање животни.

– Вакво грозоморие, ваква монструозност не може и не смее да се занемари и секое занемарување на очигледното кривично дело само ја покажува вашата неспособност во очите на јавноста – потенцираат од здружението за заштита на животните.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека СВР Охрид, презема интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање на лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.

-Според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени. Во текот на октомври бил извршен разговор со Б.А.(45) од кичевското село Зајас, поради сомнение дека организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани. Известен е надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе биде поднесена соодветна пријава – одговорија од МВР. 

(А.П.)