Разговорите за можно коалицирање во новата влада, кои ВМРО -ДПМНЕ ги почна со албанската коалиција Вреди, се чини одат глатко. Денеска лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека очекува веќе до крајот на идната недела да се постигне договор околу идната влада и дека владее позитивна атмосфера помеѓу работните групи.

– Се надевам дека до крајот на идната недела ќе имаме завршен договор со програма на Владата и со распределба на ресори, односно кој и каде ќе биде како министер, изјави вчера Таравари.

Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди по договорот за соработка постигнат во саботата, вчера ја одржаа првата средба за коалицирање во новата влада на која ја усогласуваа програмата, а најавија дека многу бргу, веројатно од наредниот состанок на работните групи, ќе почнат поконкретните разговори, вклучувајќи ги и темите за кадровските решенија. Партиски извори брифираат дека двете страни се блиску до договор за иден  претседател на Собранието, позиција што е меѓу најпосакуваните за коалицијата Вреди, а во оптек се вртат имињата на Африм Гаши или Халил Снопче како можни кандидати.

Наши извори од коалицијата велат дека освен за собраниската фотелја, Вреди се заинтересирани и за МВР. Актуелниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски, во телевизиско интервју изјави дека за ова треба одговор да се побара кај лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и дополни дека сите опции се сè уште отворени.

Освен спикерско место и МВР во јавноста се  шпекулира дека Вреди се заинтересирани и за министерско место во четири други ресори меѓу кои се споменуваат здравство, образование и економија.

И, додека работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди продолжуваат со разговорите за коалицирање во новата Влада, на ВМРО-ДПМНЕ му појде од рака да собере и 61 пратеник и со тоа да добие мандат за состав на Владата и мнозинство во Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски, вчера објави дека покрај 58 пратеници на коалицијата „Твоја Македонија, што ги освоија на изборите на 8 мај, сега имаат консолидирано точно 61 пратеник. Мицкоски оцени дека разговорите со Вреди се водат во вистинска насока, но не кажа кои се пратениците со кои ВМРО-ДПМНЕ стигна до парламентарно мнозинство.

„Не можам да зборувам во однос на деталите, но многу скоро ќе ги дознаете деталите имајќи предвид дека состојбата е чувствителна, но она што можам да кажам е дека како коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ во парламентот покрај 58 пратеници што ги има автентично самата коалиција и очекуваме одлука на управниот суд да видиме што ќе се случува со изборната единица 5 и 6 можам со задоволство да кажам дека имаме консолидирано точно 61 пратеник, но тоа нема да не повлече од разговорите со идните потенцијални коалициони партнери како што е коалицијата Вреди“, истакна Мицкоски.

Иако Мицкоски не лицитираше со имања медиумите шпекулираат дека, тие се пратеници на НСДП и ЛДП кои беа дел од предизборната коалиција „За Европска иднина“ предводена од СДСМ и кои на изборите освоија по четири пратенички места.

ВМРО-ДПМНЕ има амбиција по овие избори да обезбеди околу 80 пратеници и двотретинско мнозинство за да има поддршка во Собранието за планираните измени на законот за Влада, кои го најави во изборната програма. Овие измени вклучуваат и реорганизација на министерства и на други ресори а, за да се усвои тоа потребно ќе биде двотретинско мнозинство во Собранието.

За составување на Влада Мицкоски рече дека ќе се даде шанса на сите кои биле во опозиција, но засега официјално нема најави за преговори со ЗНАМ и Левица, иако не се исклучува таква можност.

Според математиките што се објавуваат во јавноста со 13 пратеници на коалицијата ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ би имал 74 пратеници во Собранието, а доколку се приклучи и ЗНАМ на Максим Димитриевски со своите шест пратеници, ќе има и двотретинско мнозинство.

Со активностите з а состав на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди не се согласува ДУИ, и порачуваат  дека таквиот развој на случувањата е спротивен  на духот и одредбите од Охридскиот договор.

Министерот за надворешни работи и функционер на ДУИ Бујар Османи  во телевизиско гостување вчера порача дека Европскиот фронт, кој освои 19 мандати, ја претставува мнозинската волја на Албанците, а не Вреди која освоила помалку гласови, односно 13 и посочува дека мандатарот има обврска за претставување на втората по големина етничка заедница.

„Мандатарот има обврска да го почитува основниот договор помеѓу македонскиот и албанскиот народ, Рамковниот договор, дека заеднички ќе одлучуваме и заеднички ќе ја водиме оваа држава. Тој договор може да се поништи. Меѓутоа мислам дека државата го нема тој луксуз да отвори меѓуетнички теми, затоа што тие теми имаат таков гравитет, што не остават простор за ниту една тема“, предупреди Османи.

Од ДУИ засега не кажуваат дали и како ќе одговорат  на активности за состав на идната влада.

Османи, вели дека во моментов во ДУИ сѐ уште се концентрирани на спречување на можноста за  компромитирање на изборниот процес откако  ДИК  ги  одби  нивните  приговори за прегласување.

(М.С.)