Ќе се реконструира 50-годишниот мост на Вардар кај Башино Село

124

Општина Велес на тендер ја избра компанијата МГМ Инженеринг од Скопје, која ќе го изработи Основниот проект за реконструкција, односно зајакнување на конструкцијата на мостот на Вардар кај Башино Село. Се очекува до почетокот на летото проектот да биде готов и ревидиран и да започне постапка за градежни работи.

За побрзо завршување на постапката и пренамена на патот во регионален, на минатонеделната трибина во Велес вети дека ќе се заложи и вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој рече дека освен реконструкција на овој повеќе од 47 години стар мост, ќе се ангажира во Велес над Вардар, нешто подолу од сегашниот, да се изгради нов мост.

Според мерењата на Заводот за испитување на материјали извршени во август лани, само во текот на еден час на овој фреквентен мост поминале 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили.

Мостот е изграден во 1971 година од тогашната ЈНА. На мостот до пред десетина години поминуваше регионален пат, а веќе десетина години тој е пренеменет како локален. Поради опасност да се урне при поројни дождови и топење на снеговите, во изминатите години, екипи формирани од локалната власт, во тие вонредни состојби, мораа постојано да дежураат на мостот и да ги извлекуваат гранките закачени на столбовите

– Карактеристично е и тоа што мостот е низок и при висок водостој на Вардар останува само половина метар од мостовската конструкција до нивото на водата на реката Вардар, затоа неговата итна реконструкција е повеќе од неопходна – потенцираат од општина Велес.