Ќе се обезбеди дополнителен грант за пречистителната станица во Скопје 

125

Вкупно 136 милиони евра се обезбедени за изградба на пречистителната станица за отпадните води во Скопје, но Владата ќе преземе активности во соработка со ЕИБ и ЕБОР за обезбедување дополнителен грант за да се намалат износите на заемите – соопшти Министерството за финансии.

Од обезбедените 136 милиони, 68 милиони се од Европската инвестициска банка (ЕИБ), 58 милиони од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а 10 милиони евра се грант од ЕИБ преку Economic Resilience Initiative (ERI).

Пречистителната станица ќе биде лоцирана во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар во областа Трубарево и ќе опслужува над 500.000 жители. Имплементатор на проектот ќе биде јавното претпријатие „Водовод и канализација“  во соработка со градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии.

Изградбата на пречистителната станица треба да започне во 2020 година.

-Третманот на отпадните води од градот Скопје ќе биде трајно решен со изградба на пречистителна станица, со што ќе се намали загадувањето на реката Вардар и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина. Владата на последната седница ги усвои законите за финансирање на проектот и ги проследи до Собранието – информира Министерството за финансии.

Изработката на Физибилити студијата за пречистителната станица за отпадни води во Скопје беше финансирана од Владата на Република Франција.