Азески: Дијалогот со стопанството треба да продолжи и по завршување на мандатот на оваа Влада

Потребна е сигурност на правните субјекти дека тоа што е договорено ќе биде испочитувано затоа што ова не се процеси што завршуваат со мандатот на оваа Влада тие продолжуваат и со другите влади. Стопанските субјекти мора да бидат сто отсто сигурни дека тие ќе бидат испочитувани и од другите влади. Владеењето на правото е услов без кој ова ништо не може, вели претседателот на Стопанската комора Бранко Азески

186

За да се решат проблемите и да се обезбеди развој во земјоделството и во другите сегменти во стопанството потребен е дијалог меѓу државата, приватниот сектор и локалната самоуправа. Овој дијалог треба да продолжи и со завршување на мандатот на оваа влада, бидејќи на стопанството му треба сигурност и непречено одвивање на процесите, изјави претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески на средбата со министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

-Во државата треба да расчистиме со три диспаритети односот на капиталот и трудот, односот на издржувано и активното население и континуитетот во спроведувањето на прописите при промена на власта. Потребна е сигурност на правните субјекти дека тоа што е договорено ќе биде испочитувано затоа што ова не се процеси што завршуваат со мандатот на оваа Влада, тие продолжуваат и со другите влади. Стопанските субјекти мора да бидат сто отсто сигурни дека тие ќе бидат испочитувани и од другите влади. Владеењето на правото е услов без кој ова ништо не може. Државата, локалната самоуправа и приватните инвеститори треба да бидат усогласени. Приватниот сектор во услови на нефункционирање на локалната самоуправа и државата може да биде само жртва. Единствен излез од оваа ситуација е подобра и почеста комуникација меѓу сите субјекти во државата, изјави Азески.

Според него, земјоделскиот сектор според учеството во БДП е во врвот, но нема адекватен третман од страна на државата. Поради тоа смета дека тоа треба да се исправи и да се постават нови основи за развој на земјоделството. – Да видиме цел, да видиме екипа и средства обезбедени за таа намена. Ако не го видиме тоа ние нема да веруваме никому, додаде Азески.

За министерот Димовски клучен проблем за развој на земјоделството е наводнувањето за кое досега се вложени 70 илјади евра во браната Конско и 24 илјади евра за Јужновардарска долина, а до 2023 година се планирани да се вложат уште 80 милиони евра.

-Само со зголемување на субвенциите не можеме да обезбедиме развој во земјоделството. Имаме малку предлози во однос на тоа што да направиме во земјоделството за да обезбедиме развој за две, три и повеќе години и во кој правец да се движиме. Новите стратешки цели треба сами да ги определиме, а за нас една од битните е водоснабдувањето, вели Димковски.

И според него разговорите се важни за развој на секторот, а резултат на ваквите разговори и е воведување на претфинансирање за фирмите кои се корисници на ИПАРД. Оваа можност е воведена во новиот Закон за земјоделство и рурален развој и со која на фирмите кои потпишале договор за користење средства од ИПАРД, државата им финансира 50 отсто од средствата кои треба да ги уплатат како сопствено учество.

Димковски подвлече дека научните институции треба повеќе да се вклучат во развој на земјоделството и да понудат конкретни предлози и идеи за нови сорти, нови семиња, начини на производство…

На средбата се разговараше и за зачувување на диверзитетот на растителни генетски ресурси, агроеколошки мерки, традиционални земјоделски производи, зајакнување на свеста за заштитените ознаки за потекло, заштитените географски ознаки и загарантираните традиционални специјалитети, органски производи, Hi’teh во земјоделството, како и низа друг актуелни прашања за секторот. (А.С.)