Ако Уставниот суд донесе конечна одлука со која вработените во Министерство за финансии и вработените во другите органи на управата, нема да можат да го добиваат надополнувањето на основната плата за 30 проценти, ќе престане да работи Бирото за јавни набавки со што, ниту една институција во државата нема да може да набави било што и да биде потребно за вршење на нивната работа.

Ова го истакна претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на мирниот протест пред зградата на Министерството за финансии. Тој предупреди дека постои опасност Министерството за финансии да го затвори и трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата.

– Доколку уставниот суд донесе одлука со која овие работници нема да можат да го добиваат ова надополнување на плата ќе предизвика големо незадоволство што би значело дека Управата за имотно правни работи нема да ги работи експропријација на „Бехтел и Енка“, Бирото за јавни набавки нема да работи, нема да има ниту една институција во државата да може да набавува било што ќе им биде потребно за нивната работа, а па,к има опасност Министерството за финансии да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата – предупреди Деаноски.

Подносителот на иницијативите Мирослав Драганов ги оспорува автентичното толкување на членот 66 став 3 од Законот за буџети и член 66 став 3 од Законот за буџети. Според него, не е јасно кои вработени имаат право на дополнување на основната плата од 30 отсто, кои биле работните места со соодветни специфики и посебни одговорности и врз основа на што се определуваат овие места и кој ќе ги определува. Наведено е дека со самата законска одредба се воведува основ за арбитрерно постапување на органот на државната управа при определување кој има право на пропишаниот додаток.

Во иницијативата има наводи дека вработените во Министерството за финансии кои вршат специфични работни задачи и имаат посебна одговорност се доведуваат во неосновано привилигирана положба во однос на граѓаните кои се вработени во други органи на државната управа и вршат специфични задачи и имаат посебна одговорност, со што се ставаат во нерамноправна положба.

Според подносителот, со автентичното толкување, Собранието постапило спротивно на Уставот и на Деловникот бидејќи во постапката за давање автентично толкување на член 66 став 3 од Законот за буџети ја изменило толкуваната одредба со воведување на нови елементи и како последница на тоа била изменета и дополнета законската одредба спротивно на постапката за донесување на закони.

Деаноски нагласува дека од моментот на поднесување на иницијатива до донесувањето на времената мерка помина само еден месец, а Уставниот суд за иницијативи поднесени од Синдикатот нема одлучено две и пол години.

– Опасноста што следи е што Уставниот суд има право да донесе одлука – да ја одбие иницијативата. Зошто го направи тоа Уставниот суд и нас се уште ни е нејасно. Апелирам кога ќе се носи одлуката Уставниот суд да внимава за ретроактивноста, бидејќи не смее да се носат одлуки што се ретроактивни и да ги казни уште повеќе овие вработени. Има вработени кои си ги планираа парите, земаа уште повеќе кредити, купија многу повеќе од тоа што треба, а сега тие пари им ги скратија на работниците – нагласи Деаноски.

УПОЗ со Министерството за финансии изнаоѓа начин како работниците да можат да ги задржат 30 проценти надополнување на плата.

– Имаме состаноци и наоѓаме начини како да го анулираме ова, како да направиме нешто што работниците ќе може да го задржат ова 30 проценти надополнување на плата. УПОЗ инсистира на потпишување колективен договор. Наредните денови повторно да се сретнеме со раководството на Министерството за финансии и мислам дека треба да најдеме заеднички начин да го решиме овој проблем – рече Деаноски.

(С.Бл.) – Фото: Ѕвонко Плавевски