Ќе ни остане ли ајварот „македонски„ или Грците ќе ни го земат?

191

Во Република Македонија заштитени се вкупно 53 ознаки на потекло, односно географски ознаки, за производите ајвар, сирење, вино, вода, ориз, мед, чај, грав, бисер, од кои само една географска ознака „Македонски ајвар„ ја содржи придавката „македонски„

Македонија нема да може да извезува производи како „македонски„ доколку таа трговска ознака веќе ја користи некоја грчка компанија која веќе извезува на европскиот пазар. „Може да извезувате, но нема да можете да можете да го регистрирате“, рече генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи од Министерството за економија и развој на Грција, Димитрис Авлонитис и објасни дека едно е извозот, а друго е регистрацијата.
Така, на пример, доколку двајца различни производители од двете земји имаат иста трговска ознака на нивниот производ што сакаат да го извезат во странство, како на пример „македонско вино”, во тој случај, извоз може да има, но компанијата од Северна Македонија, нема да може да го регистрира на европско ниво производот под таа трговска ознака, бидејќи станува збор за грчки производ со заштитено име на потекло.
Авлонитис истакна дека во Европската канцеларија за регистрација на трговски ознаки, регистрирани се вкупно 19 грчки трговски ознаки што го содржат терминот „Македонија“ или „македонско/а/и“. Тој објасни дека оваа бројка е вкупна, неповрзана со решението меѓу двете земји и не се забележува никаква посебна раздвиженост поради договорот.
Од нашиот Државен завод за индустриска сопственост објаснуваат дека Македонските компании преку Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол имаат меѓународно регистрирано 344 трговски марки, од кои 8 постапки се во тек. Само 5 од македонските меѓународно регистрирани трговски марки го содржат името Македонија.
Во Република Македонија заштитени се вкупно 53 ознаки на потекло, односно географски ознаки, за производите ајвар, сирење, вино, вода, ориз, мед, чај, грав, бисер, од кои само една географска ознака „Македонски ајвар„ ја содржи придавката „македонски„.
Меѓународно регистрирани македонски географски ознаки согласно Лисабонскиот договор за меѓународна регистрација на ознаки на потекло и географски ознаки има вкупно 5, тоа се „Македонски ајвар„, „Кривопаланечки мед„, „Дисан“, „Кочански ориз„ и „Охридски бисер„.
Согласно Законот за индустриска сопственост со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот.
Додека пак, географскиот назив се штити со ознака на потеклото на производот, а со него се одбележуваат производите кои ги произведуваат физички или правни лица на определено географско подрачје.
За територијата на Република Македонија од вкупно 14.556 трговски марки на македонски правни и физички лица, 79 регистрирани трговски марки го содржат зборот „Македонија„ и 77 трговски марки ја содржат англиската верзија на името „Мацедониа„. Кратенката МК е содржана во вкупно 93 трговски марки, кратенката МАК во 35 трговски марки, а придавката „македонски„ ја содржат 12 регистрирани трговски марки.
За сите идни користења на името Македонија како дел од имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, ќе решава меѓународна група на експерти, која треба да се формира во текот на 2019 година, со мандат од три години. (А.С.)