Ќе никне парк на меѓникот на општините Центар и Аеродром кај Железничка

132

Просторот на дведецениската дива депонија кај надвозникот на железничка станица која неодамна беше комплетно исчистена, ќе стане зелена површина. Од овој простор кој го нагрдуваше овој дел на Скопје беа собрани и однесени над 15 илјади кубни метри смет.

– Денеска вршиме увид на овој нов јавен простор каде што треба да никне и мал парк и детско игралиште, со цел овој меѓник меѓу општините Аеродром и Центар да го уредиме, верувам на задоволство на жителите и на двете општини коишто гравитираат особено кон овој дел, кој претходно беше место што едноставно не беше достоинство ниту за гледање, ниту за живеење. Верувам дека ќе го разубавиме овој дел од градот со цел на нашите сограѓани да им овозможиме пријатно место каде што ќе можат да го поминуваат своето слободно време – рече скопскиот градоначалник, Петре Шилегов кој изврши увид со колегите од општините Аеродром, Златко Марин и на Центар, Саша Богдановиќ.

Тој најави дека во овој момент се чистат депонии во општините Бутел, Ѓорче  Петров, Кисела Вода, Карпош, Аеродром.

– И таму ќе никнуваат нови вакви мали паркови, мини зелени оази, со цел јавниот простор да го заштитиме, пред се од градежно дивеење, меѓутоа и од фрлање на ѓубре и отпад кој каде ќе стигне. Скопје ќе биде онолку убав град колку што ние ќе сакаме сите заедно да го направиме – порача Шилегов.

– Со изградбата на новите паркови Општина Аеродром ќе им подари на граѓаните нови зелени катчиња за рекреација и ќе ги облагороди запуштените простори“, изјави градоначалникот Марин.

И градоначалникот Богдановиќ ја поздрави иницијативата да се преуреди ова запуштено место во Мичурин, кое беше огромна дива депонија повеќе од 20 години и која сега „конечно ќе се претвори во убаво катче на место што со години претставувало лоша слика за нашите општини и за градот Скопје“.