Словенија ги повлекува ќебапите од расипано полско месо, во Македонија тврдат ги нема !

54

Не стивнуваат реакциите од аферата со расипано говедско месо од болни крави кое од Полска беше увезено во повеќе европски земји. Најголем дел од ова месо на европските пазари стигнувало преработено во вид на ќебапи. Меѓу земјите во кои беше увезено ова расипано месо се најде и Грција. И покрај тоа што од македонската Агенција за храна и ветеринарство повторно тврдат дека полско расипано месо нема во Македонија, сепак информацијата дека оваа месо стигнало на грчкиот пазар го подгреа сомнеж кај граѓаните дека ќебапчињата од месо од болни крави нема и на нашиот пазар. Аферата со полско расипано месо уште повеќе ја намали доверба во квалитетот на месото кое се увезува на нашиот пазар.
Од АХВ велат дека во Македонија има увоз од Полска, но месото кое е од таму е безбедно за употреба. Увозот се врши исклучиво од одобрени земји за увоз, од одобрени објекти и задолжително со ветеринарно здравствен сертификат кој ја следи пратката, со кој се гарантира безбедноста. При увоз се врши задолжителна контрола на секоја пратка. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки.
Оттаму објаснуваат дека во рамки на одредени мониторинг програми и при сомнеж, од пратките кои се увезуваат се земаат и мостри за лабораториска анализа. За истите не се дозволува увоз во земјава, односно пратките се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултати од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна.
– АХВ е контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, преку кој на дневна основа добива известувања за небезбедни пратки, вклучително и на пратки со месо и производи и преработки од месо. До овој момент преку овој систем не е добиена нотификација за пласирана небезбедна пратка со месо по потекло од Полска на македонскиот пазар, велат од Агенцијата.
Ова сомнително месо од болни крави се најде и во Словенија каде стигнало преку Германија. Словенечката агенција за безбедност на храна нареди повлекување од продажба на 12 тони говедско месо увезено од Полска и подготвено за ќебапи, пишува словенечкиот весник “Вечер# и наведува дека месо од истата серија е испорачано и до купувачи во Хрватска и Унгарија.
Според весникот, станува збор за месо од Полска кое на словенечкиот пазар го дистрибуира компанијата Алебон, а повлекувањето на оваа серија го препорачаа полски надзорни органи.
Месо од истата серија е испорачано до 41 ресторан за брза храна во Словенија.
– Се уше нема службено известување од полските органи, а словенечките анализи покажаа дека во месото што се повлекува од пазарот има траги од кетопрофен, нестероиден антиинфламаторен лек. Лекот во телото на животното кое се третира вообичаено се разградува во рок од 24 часа после примањето, што значи дека говедата биле “лекувани# со него непосредно пред да бидат заклани, а тоа е забрането, пишува „Вечер” во врска со можната причина за повлекувањето.
Европските експертите велат дека ова месо е многу опасно за здравјето на луѓето и може да предизвика труење во организмот. Месото е добиено од болни и заразени крави кои едвај одат и кои требало да бидат убиени и фрлени, а не да се колат и да се користат за човечка употреба. Оваа месо никој не го контролирал и самите касапи ставале ознаки дека е во ред и оти може да се јаде. Од месото со нож се ваделе скапаните делови, а месото се разубавувало надворешно, се бележело како здраво и одело за продажба. (А.С.)