Јубилеј 75 години постоење: МНТ е основан на 31 јануари 1945, а на 3 април е одиграна првата претстава

340

Македонскиот народен театар на 31 јануари ја потсети јавноста и својата публика на самите почетоци на оваа државна културна установа која годинава слави јубилеј, 75 години постоење. Според директорката на театарот Симона Угриновска, свеченото одбележување на јубилејот ќе се одржи на 3 април, денот кога во МНТ беше одиграна првата претстава „Платон Кречет“, но истовремено додава дека публиката треба да се потсети и на датата на основање на овој театар, документ кој се наоѓа во архивот на МНТ.

„Во аналите на историјата и на меморијата останува податокот за решението на Президиумот на АСНОМ (бр. 581/45) од 31 јануари 1945 година – за основање на Македонскиот народен театар. Тој функционира во тогаш единствениот театарски објект во градот изграден на иницијатива на Бранислав Нушиќ – од левата страна на Вардар, каде што е денешната местоположба. Изникнува од сценската активност на група актери и уметници како дел од партизанскиот театар во текот на војната и социјалистичката револуција и тогаш најпознатата културно-уметничка група „Кочо Рацин“, за да стане јадро на театарската дејност. Станува прв национален македонски професионален театар. За директор е поставен режисерот Димитар Ќостаров, а актерот Илија Милчин за секретар-драматург и веднаш потоа и за актер. Потребата да се игра на професионална сцена и да се говори на сцена на својот јазик ја почувствуваа веднаш примените актери: Петре Прличко, Тодор Николовски, Крум Стојанов, Трајко Чоревски, Мирко Стефановски, Благоја Црвенков, Вера Вучкова, Тодорка Кондова, Тома Кировски… На 3 април 1945 година одржана е и првата премиера „Платон Кречет“ и оттогаш Македонскиот народен театар и понатаму патува и сведочи за раѓањето, растежот и сегашниот миг, создавајќи свое место во земјата и светот“, велат од МНТ.

Главното одбележување на празникот на МНТ според Угриновска, ќе се случи на 3 април кога ќе има соодветна програма.

„Подготовките за јубилејот се веќе почнати во договор со уметничкиот совет на МНТ, но програмата нека остане изненадување и за неа јавноста ќе биде навреме известена“, вели Угриновска. (Д.Т.)