Македонската каратистка Пуликсенија Јовановска не ја мина првата фаза во натпреварот во кати на Олимписките игри во Токио. Таа со резултатот од 23,8 и 24 поени (просечна оценка 23,9) го освои деветтото место од вкупно десет каратистки кои се натпреваруваа во оваа дисциплина, но и покрај тоа, задоволна е од прикажаното во своето деби учество на Игрите.

  • Мојот сон – реалност. Колку вредеше, сите овие години тренинзи, пот, солзи, повреди, неправди… Презадоволна од сè што дадов на татамите! Привилегија е што бев дел од оваа приказна, завршив на 9. позиција. Горда на себе за секоја секунда помината во сала сите овие години! Фала ти Боже за сè, напиша Пуликсенија на социјалните мрежи.

Македонската каратистка потоа им се заблагодари на сите за дадената поддршка.

  • Луѓе мои, да ви се заблагодарам на сите за огромната поддршка, на сите вие што верувавте во мене кога беше најтешко. Ви благодарам од срце, додаде каратистката.

Македонската претставничка беше последна во својата група, а најдобар резултат оствари Сандра Санчез од Шпанија со резултат 27.86.

Последен претставник на Македонија во Токио ќе биде борачот Магомедгаџи Нуров, кој ќе има поголеми амбиции на утрешниот настап на турнирот во борење слободен стил.