Што се договараа Ковачевски и Таравари зад затворени врати?!

Многу врева за обична лидерска средба е краткиот опис на состанокот на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Ова уште пред средбата го најави премиерот Ковачевски, а по средбата го потврди и Таравари, соопштувајќи дека се зборувало за „борбата против корупцијата и европскиот пат” и за прашања поврзани со функционирањето на државата и системот. Таравари посочи дека можноста за соработката со ВМРО-ДПМНЕ се намалува поради тоа што партијата се натпреварува со Левица, која ќе биде понационалистичка. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги шпекулациите околу средбата, истакна дека АА, која ја критикува владата дека е криминална и коруптивна, со влез во владата ги легитимира тие политики

35

Многу шпекулации за само уште една од низата лидерски средби, ова е епилогот од денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари наспроти шпекулациите дека се работи за разговори за влез на АА во Владата. Уште пред средбата премиерот Ковачевски најави вакво нешто, а по средбата ова го потврди и Таравари. Според информациите кои пред средбата дојдоа од АА, партијата очекуваше конкретна понуда за тоа кои министерства би им биле понудени за да го засилат владејачкото мнозинство. Лидерот на АА Таравари, пак, во најавата за состанокот со Ковачевски истакна три услови за влез во Владата, меѓу кои беше и да нема предвремени избори.

Не добивме понуда за во Влада, соопшти Таравари по средбата со Ковачевски, додавајќи дека со премиерот зборувале за „борбата против корупцијата и европскиот пат” и за прашања поврзани со функционирањето на државата и системот.

„Немаме официјални преговори. Ако започнеме, нема да криеме. Не добивме покана. Ако има преговори, на крај членството ќе утврди дали ќе влеземе во Влада”, изјави денеска Таравари.

Според него, можноста за соработката со ВМРО-ДПМНЕ се намалува поради националистичкотo изразување на оваа партија.

„Ние имаме комуникација со сите партии. Имаме и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Вордингот на ВМРО не ни се допаѓа, ги намалуваат капацитетите за соработка со албански партии. ВМРО се натпреварува со Левица која е понационалистичка партија, што не е добро” – додаде Таравари.

На лидерот на АА не му се допаѓа ниту работата на Владата СДСМ-ДУИ.

„Ќе продолжиме да критикуваме”, посочи Таравари.

Премиерот Ковачевски, пак, уште пред средбата ги оцени како шпекулации најавите за некакви преговори со АА за нивен влез во Владата.

– Денешната средба со господинот Таравари е продолжување на лидерската средба, која ја имавме во текот на изминатиот период со претседателите на сите парламентарни политички партии. Планирам во наредниот период да одржам поединечни средби со сите политички партии застапени во Парламентот, со цел да продолжиме да разговараме околу одлуките кои треба да се носат за европската иднина на државата, а за кои е потребен широк политички и општествен консензус, изјави Ковачевски.

На средбите, додаде премиерот, ќе се разговара и за законските решенија кои треба да се носат во Собранието кои се од економски карактер, во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската криза во државата.

– Особено ќе стане збор за делот од законите кои се блокирани во Собранието, што најмногу се однесуваат во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската криза, укажа Ковачевски.

Пред средбата, лидерот на АА Таравари, во интервју, соопшти три услови за влез на неговата партија во составот на Владата.

– Еден од трите услови е да нема предвремени парламентарни избори пред 2024 година. Вториот услов е да имаме автономија на институциите кои ќе ги водиме, значи да нема ограничување. И третото е да има динамика за тоа што ќе се договориме да се применува во пракса, кажа Таравари.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги шпекулациите околу средбата Ковачевски-Таравари, истакна дека доколку Алијанса за Албанците стане дел од владата на СДСМ и ДУИ, тогаш тоа е комплетно скршнување од тезите кои беа кажувани изминатиот период.

– Ако мене ме прашувате за мое мислење за евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во владата, тоа значи едно комплетно политичко скршнување од сите оние тези што изминатите години беа кажувани. Суштината е поинаква, ако вие велите дека оваа влада работи погрешно, ако велите дека оваа влада е виновна што многу Албанци ја напуштале државата, ако вие велите дека оваа влада е криминална и коруптивна и дека не ја бидува и потоа влегувате во таа влада значи тогаш дека вие ги легитимирате тие политики, самите за себе признавате дека сте лажеле, односно не сте ја говореле вистината и единственото нешто за кое се грижете е да се дограбите на некаква функција и фотелја, изјави Мицкоски.

На коментарот дека единствени политички партии во опозицијата ќе останат ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА и Левица, Мицкоски рече дека ова е доволна порака за граѓаните како да постапуваат за следните парламентарни избори, посочувајќи дека тој очекува политиките на владата да бидат девастирани од народот.

Според информации кои дојдоа од АА, партијата очекуваше на средбата Ковачевски – Таравари да добијат конкретна понуда за приклучување на владејачкото мнозинство. Се појавија неофицијални информации, според неименувани извори во Владата, дека Алијанса за Албанците би добила понуда за три министерски функции за да стане дел од власта, а се спомнуваа ресорите: здравство, образование, земјоделство, правда и животна средина. Притоа се наведуваше дека ако дојде до договор АА да стане нов владин партнер, тогаш СДСМ, ДУИ и Алтернатива ќе треба да ѝ отстапат по едно министерско место на оваа партија. Дополнително, според непотврдени најави, Таравари би добил и три заменик-министерски позиции, како и повеќе директорски места за членовите на Алијанса за Албанците.

(И.С.)