Со транспаренти „Дали е ова 1939? Без образование нема држава“, „Студентите се иднината на државата“, „Ваков стандард во ЕУ нема“, „Студентски глад“, „Студентски оброк или политички облог“, студентите организирани преку движењето „Студентски отпор“ вчера одржаа протестен марш низ скопските улици, започнувајќи од Владата. Маршот, организиран за подобри услови во студентските домови и за подобар животен стандард, заврши со говори како и со подигнати жолти картони пред Министерството за образование и наука. Од движењето „Студентски отпор“, во говорот наменет до институциите, прашаа колку квалификувани и образовани кадри треба да си заминат од земјата за тие да се освестат.

Студентите маршираа на Меѓународниот ден на студентите (17 Ноември) со цел да ги искажат своите барања, кои вклучуваат издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, стоп за приватизацијата, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата на 150 денари дневно, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието, како и дигитализација.

Претседателот на УСС УКИМ, Славчо Темелковски, рече дека верува дека институциите ќе го слушнат гласот на младите. „Еден од условите што го поставивме беше универзитетските студентски собранија активно да учествуваат во носењето на законските решенија и младинските политики и верувам дека отсега, па натаму активно ќе нè вклучуваат во сите процеси. На тој начин, верувам дека заедно ќе креираме подобри младински политики. Сите имаме една заедничка цел, а тоа е претставување на младите во Македонија“, рече тој.

Ден по протестот, пак, студентите истакнаа дека сите заедно покажале зрелост и храброст и јасно и гласно ги искажале своите реални и базични барања. „Им дадовме последна опомена на институциите, и очекуваме во најбрз можен рок конкретни рокови и решенија за сите наши барања и проблеми. Во спротивно, најавуваме дека отпорот ќе го радикализираме со студентска непослушност и окупирање на факултетите, сè до крајно реализирање и решавање на нашите барања“, посочуваат во објавата на Фејсбук од „Студентски отпор“.

Инаку, пратениците во собраниската Комисија за финансирање и буџет не ги прифатија двата амандмана со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари и да се исплаќа до крајот на учебната 2022-2023 година. На седницата, Комисијата го разгледа предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, со кој се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно.

И претседателот Стево Пендаровски смета дека имаат основа барањата на студентите, кои преку протест побараа подобрување на стандардот. Ги повика власта и опозицијата да излезат во пресрет на нивните барања. „Ова што го гледам, еден од предводниците на последните протести имаше коректна реченица – не би сакале да видиме политичари меѓу нас. Најдобриот начин да убиеш еден протест е да го обоиш политички или партиски. Во овој момент, мислам дека треба и власта и опозицијата да се најдат. Гледаме дека и двете страни имаат предлози како да излезат во пресрет на последната серија барања на студентите. Најдобро е тоа да го договорат во Парламентот и да не дозволат луѓе да мрзнат, да шетаат по улиците и да се бунат“, рече Пендаровски при едно ТВ-гостување.

Тој додаде дека не би го пуштил своето дете да живее во студентски дом каде што, како што рече, за жал, не гледа дека работите системски се менуваат. „Дајте да го адресираме тоа и да не се срамиме да немаат греење или не знам каква храна по студентските домови во 2022 година“, рече Пендаровски.