Штипски „Исар“ доби нови шест возила за собирање отпад

88

Штипското комунално претпријатие „Исар“ по 17 години го обнови возниот парк со камиони за собирање отпад. Преку проектот за изградбата на регионална депонија, финансиран од страна на фондовите на ЕУ за ова претпријатие обезбедени се шест возила со различен волумен.

Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов и директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев ги промовираа новите возила, коишто Николов вели дека чинат околу 530 000 евра обезбедени преку ИПА 2 програмата.

– Имаме добиено две возила со четири кубни метри, едно возило со 10 кубни метри, едно со 16 и едно со 22 кубни метри. Дополнително има и возило со платформа и кран за подигање на контејнери за смет- вели Николов.

И додава дека новите возила значително ќе придонесат во заштеда на резервни делови, гориво и масло, а ќе се анулира и бучавата и аерозагадувањето од старите камиони. Тој вели дека заштедените средства ќе бидат инвестирани за набавка на специјално возило за одзатнување на канализација, цистерна и лесни товарни возила.

– Од една страна ќе се намалат трошоците, а од друга ќе бидеме поефикасни во извршувањето на секојдневните задачи како во однос на комуналната хигиена, така и во однос на другите сектори- потенцира Тасев.

Штипскиот градоначалник Николов истакна дека чистата и здрава животна средина е приоритет, а во текот на наредниот период значајна ќе биде и селекцијата на отпадот. Тој истакна дека како општина веќе имаат обезбедено и дополнително нови контејнери.

– Обезбедивме 30 контејнери за селекција на стаклен отпад и 30 контејнери распределени на различни локации во општината за собирање пластичен отпад, информирае Николов.

Посочи дека во моментов се работи на затварање на депонијата Трештена скала, каде што се депонира сметот од домаќинствата и фирмите во општина Штип, а во меѓувреме се очекува да се реши и проблемот со старата депонија, каде што се исфрла градежен шут.