Ракометната репрезентација на Шпанија, ја забележа првата победа на Светското првенство во Египет, откако во тежок натпревар ја совлада Полска со 27:26. Даниел Дујшебаев со шест гола беше најдобар поединец во таборот на „црвената-фурија“, додека кај Полјаците најдобар со шест гола беше Сико.

Лесни победи забележаа и репрезентациите на Данска и Унгарија. Данците беа подобри од симпатичните ракометари на ДР Конго со убедливи 39:19, додека Унгарците рутински триумфираа над Уругвај со 44:18.

Хрватска ја забележа првата победа на шампионатот со победата над Ангола со 28:20 Најдобри со по шест гола во победнилкиот тим беа Чупиќ и Мариќ, а поддршка им беше Мартиновиќ со пет, додека кај Ангола, најрасположен беше Фереира со четири гола.

До важен триумф дојде и Аргентина, која го совлада Бахреин со 24:21 и патува во наредната фаза на СП. Пизаро со шест и Москариело со пет гола беа најдобри кај „гаучосите“, додека кај Бахреин, Ахмед реализира пет пати.

Изненадување приреди Тунис, кој остана непоразен со Бразил – 32:32. „Кариоките“ важеа за фаворити, но вторпат одиграа нерешено по стартот со Шпанија.