Околу 1.000 матуранти од средните училишта во Скопје, вчера на градскиот плоштад танцуваа во ритамот на квадрилот. Во исто време, точно во 12 часот заедно со нив танцуваа и нивните врсници од Струга, Охрид, Гевгелија, Струмица и Валандово, но и од десет земји од Југоисточна Европа.

Станува збор за традиционалната манифестација „Матурска парада“ која се одржа по 13 пат, а во која зедоа учество вкупно 30.000 матуранти од 70 града на 10 земји од Југоисточна Европа.

На тој начин тие испратија порака за љубов и разбирање.

По 13 пат земајќи учество во манифестацијата „Матурска парада“ тие одбележаа едно поглавје од својот живот, поврзувајќи се преку танцот и музиката.

Заедно со нив танцуваа и нивните наставници и директори.

Матурантите ги поздрави и скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој нивниот танц го нарече танц на радоста.

– Не случајно овој танц е танц на радоста, радувајте се на животот, бидејќи ова значи затворање на едно поглавје во кое сте стекнале знаење. А стекнатото знаење треба да ви помогне од ден на ден да бидете подобри од она што се. За прв пат слободно можеме да кажеме – Европо еве сме, тука сме. Сакам да ви поскам успешни уписи. Имајте убав танц, бидејќи сте најдобри во Европа, изјави Шилегов.

Организатори на манифестацијата „Матрурска парада“ се Дирекцијата за култура и уметност, Танцовиот клуб „Ритам Плус“, додека покровители се Градот, канцеларијата на ЕУ во Скопје и Агенцијата за млади и спорт.

(А.П.)