Една од најуспешните генерации на средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“-Штип денеска славеше 50 години матура. Интересно е што нивниот класен раководител, Реџаи Гализер се иселил во Истанбул Република Турција, но на секои пет години доаѓа во Штип за со своите поранешни ученици да ги прославува jубилеите од нивното матурирање. Гализер вели дека тогаш бил млад наставник, а оваа генерација на ученици ја чувствувал посебно и секогаш го повикувале на матурските средби.

-Се сеќавам дека тие пред 50 години беа млади матуранти, а јас млад наставник. Помина половина век и сите се пензионери. Пред пет години им ветив дека ќе дојдам на 50-годишнината од матурата и еве сега славиме заедно, вели Гализер.

Класниот час во штипското текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ го водеше токму Гализер, а на него присуствуваа околу 50-тина поранешни ученици, кои дел од нив продолжиле да се занимаваат со текстилство. Еден од нив е и Миле Манов од Радовиш, кој завршил смер за ткајачи. Забележува дека класниот раководител Гализер им бил и најдобар другар.

-Текстилството порано имаше иднина, а сега замира. Јас продолжил со текстилство, а мојата работа ја пренесувам на моите деца, вели Манов.

Оваа генерација на средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ најави дека повторно ќе имаат матурска средба по пет години.