Шведските пратеници прават сè обратно од нашите пратеници и политичари

Шведските пратеници имаат право на бесплатен јавен превоз. За разлика од многумина колеги од други земји не поседуваат службени возила и возачи и не користат такси

320

Политичката кариера може да биде мошне доходовна во финансиска смисла. Можеби ова важи за кај нас, но не и во Шведска.

Скандинавскиот пристап кон политиката се одликува со скромност – нивните народни претставници навистина ја работат работата за која се платени. Наместо великодушни надомести и разни погодности, шведските парламентарци се мошне ограничени кога станува збор за користење на парите од пореските обврзници.

„Ние сме обични граѓани“, вели за ББС Пер Арне Хакансон, пратеник на Социјалдемократската партија. „Нема смисла да имаме некои посебни привилегии, бидејќи наша работа е да ги претставуваме граѓаните и околностите во кои тие живеат“. „Може да се каже дека наша привилегија е што ја работиме оваа работа и што имаме можност да влијаеме на правецот по кој оваа земја ќе оди“, додава Хакансон.

Пер Арне Хакансон често јаде во мензата на парламентот

Шведските пратеници имаат право на бесплатен јавен превоз. За разлика од многумина колеги од други земји не поседуваат службени возила и возачи.

 

Парламентот, на пример, поседува вкупно три автомобили „волво С80“, но и овој сиромашен возен парк се користи само во официјалните посети на претседателот и тројцата потпретседатели.

„Не користиме такси“, објаснува Рене Поетке, портпаролот на парламентот.„Возилата не се користат за тоа луѓето да доаѓаат на работа и да си одат дома“.

„За волја на вистината, премиерот е единствен политичар во Шведска кој постојано има автомобил на располагање“.

Шведските пратеници заработуваат околу 6.900 долари месечно, што е дупло помалку од 14.000 долари – колку што добива американски конгресмен.

Просечната месечна плата во Шведска е 2.800 долари.

Пратениците кои доаѓаат од изборните единици надвор од Стокхолм имаат право на надомест кој се нарекува трактамент – дневници за деновите кога работат во престолнината. Колку? Околу 12 долари дневно, со коишто во Стокхолм не можете да купите ништо друго, освен скромен оброк.

До 1957 година шведските парламентарци дури и не даваа плата туку само парична поддршка од партијата која ја претставуваат.

Парламентарните документи покажуваат дека надоместоците се воведени за ниту еден граѓанин да не биде спречен да влезе во политиката. Но, не сакале платите да бидат многу привлечни.

Како и многумина нивни колеги низ светот, народните претставници во Шведска имаат право на субвенционирано домување, но само доколку не се од Стокхолм.

Еднокреветни соби

И тешко може да се каже дека сместувањето им е луксузно. Пер Арне Хакансон, на пример, живее во стан од 46 квадратни метри.

Некои државни гарсониери се со површина од 16 квадрати. Често пати, немаат машини за перење на алишта и за садови, и се опремени со кревети за самци. Парите од даночните обврзници се користат само за потребите на пратениците, додека нивните сопружници или членови на семејството мораат да платат, па дури и ако сакаат само да преноќат во тие станови.

Ограничена кирија

Ако пратениците сакаат да живеат со своите партнери, тој или таа мораат да ја платат другата половина од киријата.

„Не сакаме да плаќаме за никого, освен за народните пратеници“, објаснува официјалното лице Ана Асперген.

Пратениците можат да изберат и да живеат и на некое друго место, а да користат станарина од парламентот. Сепак, таа кирија е ограничена на 829 долари месечно, што е релативно малку во однос на цените на недвижности кои се изнајмуваат во централното градско подрачје на Стокхолм.

На шведските пратеници им е забрането да вработуваат асистенти или советници. Наместо тоа, партиите кои се во парламентот добиваат одредени износи и со нив ги плаќаат вработените кои работат за сите партии во парламентот.

Неплатена работа

Скромноста е уште повеќе изразена во шведската локална политика.  Нивните претставници во општините и градовите сметаат дека тоа е паралелна активност, која се работи покрај главната работа. Околу 94 проценти од локалните официјални лица работат неплатено – исклучок се функционерите кои работат во извршните органи и за тоа примаат плата, иако некои од нив земаат надомест како за половина работно време.

Градоначалничката на Стокхолм, Кристина Елфорс Сјодин, вака ја објаснува таа филозофија. „Ова е доброволна работа која совршено можете да ја вршите во слободно време“.